Партиското знаме на ВМРО ДПМНЕ викендов се вееше на Центарот за култура во Струга. Ова бил единствениот слободен простор на тој датум што собира шестотини гости. Меѓу првите пристигнаа неколкумина поранешни градоначалници и актуелни обвинети од СЈО. На влезот ги чекаше некогашниот прв човек на правда Михајло Маневски. И обвинетиот за „Насилството во Центар“, Александар Трајковски, кој беше до Будимпешта да го посети бегалецот Никола Груевски, беше делегат на Конвенцијата.

Иако раководството официјално немаше фаворит меѓу кандидатите, Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ индиректно го демантираше тоа.

Партиската младина беше задолжена и за регистрација на делегатите. Камерите кон нив се свртеа кога дојде лидерот на партијата.

Меѓу присутните имаше и многу нови делегати, непознати за пошироката јавност. Иако новите лица беа освежување, официјалниот почеток на конвенцијата потсети на старите пракси.

Лидерот Христијан Мицкоски уште во воведното обраќање порача дека овојпат бојкот не е опција за опозицијата. Од говорницата, од која некогаш се зборуваше за ножиња во грб, сега се слушна за хушкачи.

„Што се однесува до оние хушкачи во десниот блок кои се слуги на власта, за чие сценарио напишано од Бихачка ќе зборам во некоја друга прилика, ќе им порачам сега од Струга, нема да успеете.“, кажа Христијан Мицковски – претседател на ВМРО ДПМНЕ.

И почна изборот на претседателски кандидат со 15-минутно обраќање на секој од нив. Уште при нивното набројување, стана јасно дека еден недостига.

Претставувањето одеше по азбучен ред, а на некои им беше јасно дека немаат шанси уште на почеток.

„Оној кој ќе биде избран ќе ја добие мојата поддршка…“, кажа Горан Ангелов – кандидат за претседател од ВМРО ДПМНЕ.

Кандидатите се претставија со шаренолики говори.

„Имаме голем број млади немажени и неженети тоа всушност значи на намалување на граѓанството во Република Македонија.“, рече Илија Димовски – кандидат за претседател од ВМРО ДПМНЕ.

„Ќе предложам референдум за знамето шестнаесеткрако сонце и за грбот лав на Република Макеоднија. Ако не помине како втор чекор ќе побарам поддршка од граѓаните  за собирање на потписи, и ние имаме право да си го избереме нашето знаме и напиот грб.“, вети кандидатот Васко Костов.

„Во десните партии не може да функционира договорна политика. Тој код во одреден временски период во влегување на политики од левицата го хипнотизира вмровецот.“, забележа кандидатот Сашо Кутлешовски.

Некои бараа посебни услови за подобра концентрација.

„Изминативе 7 дена мислам дека го постигнав рекордот на обиколка на Македонија …………… Мотивиран сум затоа што само така ќе победиме, не со 1 настан дневно, туку со 15 настани дневно низ цела Македонија низ терен, и со лајкови и со две кила кал на кондурите.“, рече кандидатот Влатко Ѓорчев.

Говорниците не ја подгреаја атмосферата, ниту салата. И Мицковски беше принуден дел до говорите да ги следи стоејќи – до греалка.

Додека стигна редот за негово обраќање, Филип Петровски се појави во салата. Кажа дека ако ја добие довербата без пардон ќе ги поништи преспанскиот договор, законот за јазиците и ќе предизвика предвремени парламентарни избори.

„Не се ставајте на ризик со аплауз, рече Петровски.

Веднаш по обраќањето, Петровски ја напушти Конвенцијата во придружба на членови од партијата на Јанко Бачев.

Ред дојде и за единствената дама меѓу кандидатите.

„Христијанка сум, значи една од потомките на Лидија од Македонија.“

Нејзините критики за владата ги кренаа на нозе делегатите.

„Заевизмот не е само авторитаризам, заевизмот е ментална матрица, кажувам, заборавам, негирам…“ , рече Гордана Силјановска.

По говорите, следуваше гласањето. Гласачко ливче во кутијата пушти и екс-амбасадорот во САД, Васко Наумовски, кој со години беше дел од преговорите за името, а чиј исход беше главна мета на критика на целата Конвенција.

Додека течеше гласањето, членките на Комисијата за избор Лилјана Затуровска и Светлана Карапетрова го фотографираа секој гласач.

Објаснувајќи се со новинарите, членките на комисијата за малку ќе пропуштеа да го евидентираат гласањето на партискиот лидер.

„Нека победи најдобриот…секогаш победува најдобриот!.“, прокоментира Мицкоски со делегатите.

По два часа стигнаа резултатите.

Гласаа 519 делегати, а најмногу гласови, 408 на број, освои  кандидатот Гордана Силјановска-Давкова.

Првиот поздрав за надпартиската кандидатка, како што самата се декларира, беше со партиско скандирање.

Победничката на Конвенцијата се обрати со поглед вперен кон лидерот.

„Мене ми е јасно дека не може да се оди на избори, а камоли да се победи, ако зад вас не застане силна партија.“, рече Силјановска-Давкова.

„Мајка на нацијата!“, заклучи Мицкоски.

„Мислам дека делегатите слободно се изјаснија.“, рече Влатко Ѓорчев, кој доби само 80 гласови.

„Силјановска е признат универзитетски професор и во нашата држава и на меѓународна сцена и мислам дека таа ќе биде идниот претседател на државата.“, ни одговори Драган Данев – пратеник од ВМРО ДПМНЕ.

„Нели ова асоцира на едноумие, толкав број на гласови?

-Не, гледате имаше демократска атмосфера, имаше агитирање условно да кажам по општински комитети и од другите кандидати и на крај делегатите одлучија.“, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски.

„Ве изненади што освои повеќе гласови од, на пример, Ѓорчев кој е партиски човек?

-Делегатите одлучија.“, рече Ане Лешоска – пратеничка од ВМРО ДПМНЕ.

Конвенцијата се заокружи со по уште една изјава за медиумите на Силјановска и Мицкоски.

Силјановска не собра сила да се огради од проблематичниот пост на Фејсбук за трагедијата кај Ласкарци, на нејзината колешка и блиска пријателка, Билјана Ванковска.

Ќе биде интересно да се слушне коментарот на професорката по уставно право, која како кандидат за претседател вчера пред време ја почна кампањата. Или одговорот повторно ќе биде, како што самата знае да рече – дека едно е наука, а друго политика.

Извор: 360 Степени