Утре промоција на графичкиот роман „Во Италија сите се мажи“

Графичкиот роман „Во Италија сите се мажи“ од Лука де Сантис и Сара Колаоне во издание на Бункер утре ќе ја има својата промоција која ќе се одржи во 19.30 часот, во Јавна соба.

Овој графички роман ја раскажува приказната за прогонот на хомосексуалците во времето на фашистичка Италија под Мусолини.

Помеѓу 1938 и 1943 година, околу 300 хомосексуалци биле интернирани на еден остров во јужна Италија. Бидејќи не постоела законска одредба со која би се оправдала ваквата мерка, одлуката била спроведувана од страна на локалните полициски управи. На тој начин, ова се случувало во голема дискреција: без судии, адвокати, новинари, далеку од очите на јавноста.

Насловот на романот е земен од една изјава на Мусолини. Според него во Италија немало потреба од воведување закон против хомосексуалците, по теркот на нацистичка Германија, затоа што во Италија нема хомосексуалци. Таму живеат само „вистински“ мажи.

Графичкиот роман ја освои наградата за најдобар стрип на „Комик-кон“ во Неапол, во 2009 година и е преведен на повеќе јазици. Македонското издание е прво негово објавување во регионот.

Промотори на графичкиот роман ќе бидат проф. д-р Мирјана Најчевска и Џабир Дерала.

Објавувањето на графичкиот роман „Во Италија сите се мажи“ на македонски јазик го поддржаа Министерството за култура и Град Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e