Управа за јавни приходи информира дека за 2025 година се изготвени вкупно 862.896 однапред пополнети годишни даночни пријави (ДЛД-ГДП), во законскиот рок до 30 април 2026 година.
Институцијата соопшти дека граѓаните ќе добијат известување преку профилот на системот „МојДДВ“ или на електронската пошта што ја имаат регистрирано.
Секое физичко лице кое остварило приход во 2025 година има обврска да ја провери, потврди или коригира пријавата најдоцна до 31 мај 2026 година. Увидот во податоците се врши преку платформата „е-Даночни услуги“, додека лицата кои сè уште не се регистрирани треба да го сторат тоа во најкраток можен рок.
Од УЈП појаснуваат дека по истекот на рокот, непотврдените пријави ќе се сметаат за конечни, а коригираните ќе бидат предмет на одобрување од службено лице.
Воедно, граѓаните кои имаат повеќе платен данок имаат можност да побараат поврат преку самата пријава.
Од институцијата апелираат навремено да се проверат внесените податоци, бидејќи тие се користат и при издавање уверенија и за остварување права пред други институции.
