Тетовските ученици и понатаму без услови за настава!

И второто полугодие и новата календарска година, тетовските ученици од основните и средните училишта во градот, ги започнаа соочени со старите проблеми.

Поради проблеми со прокиснатиот покрив, учениците од основното училиште „Лирија“ од Тетово ќе ја продолжат учебната година во три смени.

Во разговор за ЦИВИЛ Медиа, директорката Шпреса Хусеини, информираше за проблемите со кои се соочуваат.

„Поднесовме барање и до Министерството за образование и до Општина Тетово, да ни се овозможи, бидејќи е вонредна состојба, што е предвидено и во Законот за основно образовани, да работиме со скратено време. Го бараме тоа додека не се поправи покривот. Тоа беше побарано и од родителите кои бараат да се провери издржливоста на зградата. Општина Тетово поднесе барање до  Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија и очекуваме екипа која ќе констатира каква е состојбата. Сега, само чекаме. Очекуваме да се поправат временските прилики и се надеваме дека ќе се подобри состојбата“, вели Хусеини.

Средношколците кои учат во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, второто полугодие го започнаа со скратено работно време. Беше најавено дека наставата ќе ја започнат во општинската зграда, но големата сала нема услови за затоплување, поради оштетување на котларата за парното греење до кое дошло есента минатата година. Наставата на македонски јазик, со скратени часови во две смени, ќе се одржува само во реновираната зграда на старото Медицинско училиште, затоа што втората зграда каде треба да учат учениците од македонска настава, сé уште се реконструира.

Околу 250 ученици од оваa гимназија, учат поделени во повеќе објекти, во лоши услови, одделени од своите сооученици кои учат на албански јазик. Ова требаше да е привремено решение, но…

Есента, учениците ја започнаа учебната година на Градскиот плоштад во Тетово, а не во своите училници. Учениците заедно со наставниците, на овој начин протестираа, барајќи од Општината и од надлежните институции да им изградат ново училиште.

Уште во 2014-та година, градоначалничката Теута Арифи, заедно со тогашниот министер за образование Абдулаќим Адеми, им ветуваа на учениците и започнаа и со активности за подобрување на состојбата и за решавање на овој проблем. Но, до денес, проблемот не е решен.

Од Општина Тетово, денеска беа недостапни за одговор на прашањето, кога учениците од градот конечно ќе можат да одржуваат настава во нормални услови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e