Тасевска: Каматата веќе не смее да биде повисока од долгот, усвоени измените на Законот за облигациони односи

По предлог на парламентарното мнозинство од СДСМ, Собранието ги усвои дополнувањата на Законот за облигациони односи. Со ова, исправивме уште една голема неправда кон граѓаните и компаниите. – порача денеска на прес-конференција на СДСМ, Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.

Дополнувањата на Законот, кои во сила стапуваат веќе следниот месец, одредуваат каматата на неплатениот долг да престане да расте кога ќе го достигне износот на главнината, односно каматата повеќе не смее да биде повисока од износот на долгот.

Тоа значи дека ако одреден граѓанин или фирма имале долг од пред десеттина години, на сума од 1.000 денари, каматите што му се трупале со години и кои на крајот ќе треба да ги плати, нема да бидат повисоки од 1.000 денари.

Со овие измени, ставаме на крај на ситуациите кога за долг од на пример 500 денари должникот мораше да плаќа 5.000, 8.000 па и 10.000 денари по основ на камати.

Законското решение ќе важи за сите, и за граѓаните, и за компаниите, и ќе се однесува на долгови од секаков карактер, на пример за застарени сметки за струја, вода, телекомуникациски услуги, обврски кон банки и слично.

СДСМ како одговорна партија продолжува да реализира мерки и политики, кои обезбедуваат подобри услови за работа на компаниите и повисок животен стандард за граѓаните, рече Тасевска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e