Светски ден на слободата на медиумите

Светскиот ден на слободата на медиумите се слави секоја година на 3 мај. Целта на одбележувањето е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсетиме на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.

Оваа година, како резултат на пандемијата на коронавирусот, во фокусот се правата на медиумските работници и немањето институционална поддршка.

Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година, врз основа на одлука на Генералното собрание на Обединетите нации истата година и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1991 година.

Како ден за одбележување е Годишнината од усвојувањето на Декларацијата Виндхоек за промовирање на независно и плуралистичко африканско новинарство од 1991 година, донесена од африканските новинари во градот Виндхоек, Намибија.

Оваа година, Светскиот ден на слободата се одбележува со глобалната кампања на Обединетите нации за медиуми и социјални медиуми со фокус на „новинарството без страв и пристрасност“ во се повеќе комплексно медиумско опкружување обележано со дезинформации, лажни вести и разни форми на влијание врз работата на медиумите.

Кампањата ќе посвети особено внимание на темите како што се безбедноста на новинарите и медиумските работници, независно и професионално новинарство без политичко и комерцијално влијание и родова еднаквост во сите аспекти на медиумите.

На 3 мај се доделува и годишната награда на УНЕСКО Гиљермо Кано за слобода на медиумите. Наградата, која се доделува од 1997 година, му оддава почит на некое лице, организација или институција за придонес во одбраната и / или промовирање на слободата на медиумите, особено кога се прави во случај на голема опасност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e