Столтенберг и посака добредојде на Република Северна Македонија на масата во НАТО

Македонија денеска заедно со 29. земји членки на НАТО седнува како поканета земја на состанокот на министрите за одбрана во Брисел.

Генералниот секретар Јенс Столтенберг утрово ја пречека министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Тој рече дека поставувањето на знамето на НАТО пред македонската влада е голем чин, по кој наскоро очекува и макеоднското знаме да се вее покрај останатите 29 пред зградата на НАТО.

-Добро е што повеќе на вашата земја не и се обраќам со долгото и тешко име, туку можам да ве наречам Република Северна Македонија. Ова е голем момент за сите нас. Навистина го цениме напредокот што го направивте и без вашата посветеност и лидерство, од Вас лично и од вашата Влада, немаше да биде каде што сме денеска поканувајќи ве на овој министерски состанок. Видов вчера дека знамето на НАТО беше подигнато пред зградата на Владата на Северна Македонија, и навистина го очекувам денот кога ќе го направиме истото, да го кренеме вашето знаме покрај 29 знамиња пред зградата на НАТО. Ова е голем ден и навистина го очекуваме денот кога ќе можеме да ве имаме како полноправен член кога ратификацискиот процес ќе заврши во сите 29 земји сојузнички, рече Столтенберг.

-Покажавме дека сме способни да ги најдеме правилните и ова е наградата. Не само за мене, не само за мојата Влада, туку и за напиот народ. Дозвоплете ми да изразам голема благодарност  која нашата Влада и народ ја имаат кон Вас, затоа што без Вашата посветеност, без Вашата поддршка, дури и во потешките времиња, немаше да бидеме тука. Тука сум да го потврдам нашето цврсто верување дека можеме да се посветиме, дека можеме тоа да го дополниме со постапки, со дела, со мерки, да придонесеме за нашата заедничка стабилност и да придонесеме кон НАТО, истакна Шекеринска.

Успешни реформи ќе го забрзаат процесот на ратификација на членството во НАТО

Полноправното членство се очекува за една година кога ќе завршат ратификациите во сите земји членки, но Македонија може да се обиде да влијае на брзината, јави МИА од Брисел.

Висок претставник на Алијансата утринава ги објасни претстојните процедури на зачленување на Македонија во НАТО.

Од приемот на вербалната нота од Скопје во НАТО, Македонија ќе биде официјално именувана Северна Македонија на масата на сојузничките на Алијансата, каде се наоѓа денеска министерската за одбрана, Радмила Шеќеринска. Полноправното членство ќе се случи откако сите земји членки ќе ги ратификуваат пристапниот Протокол. Од Алијансата никој не очекува да се случат политички проблеми во овој дел откако Грција го ратификуваше минатата недела.

Во просек овој процес трае околу една година, што значи дека Македонија би станала полноправна членка до пролетта 2020 година. Сепак, не е исклучено да се забрза процесот, но тоа зависи од капацитетот на Македонија да ги убеди своите идни сојузнички, објасни претставник на НАТО. Тоа може да го стори пред сѐ преку интензивирање на реформите и докажување дека е вреден партнер чие членство треба што поскоро да стапи на сила.

-Важно е за земјата да продолжи да притиска за реформите и да ги убеди другите земји дека заслужува да стане членка, да ги убеди дека членот 5 треба да се примени, изјави претставник на НАТО.

За НАТО има три клучни реформски области, а тоа се владеењето на правото, реформите во одбраната и во разузнавачките служби. Во претстојниот период ќе биде важно за земјата да се осигура дека системите за размена на информации се безбедни и цврсти. Друг важен аспект е контролата врз разузнавањето, начинот на кој се управува со чувствителни информации, како и дека има доволно човечки ресурси и дека тие се соодветно обучени за задачите што им претстојат.

НАТО ќе и помага на Македонија до полноправното членство да ги воспостави сите неопходни системи за тие да бидат функционални на денот на членството.

Околу одредени шпекулации дека САД со администрацијата на Доналд Трамп би можела на било каков начин да се противи или да спречи зачленување на Македонија во наредниот период, НАТО отфрла вакви сценарија и потсетува дека не само што САД покажува историски силна поддршка за проширувањето на НАТО, туку таа поддршка беше потврдена неодамна во двете американски политички партии.

На 10 јули минатата година американскиот Сенат изгласа резолуција за поддршка на НАТО, а следниот ден истото го стори и Претставничкиот дом. И двете резолуции минаа речиси едногласно, без разлика на политичката припадност на пратениците.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e