Стоилковски: Вонредната состојба се злоупотребува за носење уредби за буџетски пакети

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ не кажа кој датум за избори е прифатлив за неговата партија.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски денеска уште еднаш повтори дека нема да лицитираат со датум за избори и го обвини СДСМ за притисоци врз ДИК со неразумни кратења на роковите.

„Сето нивно однесување, освен несериозност покажува дека се опасност по здравјето на граѓаните, и сакаат Фејсбук избори кои ќе бидат нерегуларни и некредибилни“, истакна Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање кој датум според нив е возможен за одржување на изборите, ако СДСМ бара тоа е 22 дена од завршувањето на вонредната состојба, која доколку не биде продолжена, би траела до 30 мај.

Тој во име на партијата ги обвини СДСМ дека со ултиматумот за избори или во јуни, или редовни во декември покажале дека не им е грижа за здравјето на граѓаните туку се борат за што потесен пораз.

Во врска со вонредната состојба, Стоилковски рече дека таа се злоупотребува, не за заштита на здравјето на граѓаните, туку за носење на уредби со законска сила, со цел да поминат како што ги нарече „буџетските пакети за поткуп, кои што Заев ги нарекува помош, во пресрет на можните избори“.

„Продолжувањето на вонредната состојба беше барање на Комисијата за заразни болести поради како што наведоа, заштита на здравјето на граѓаните, а вчера гледаме дека вистинската причина била токму носењето на уредби, како и што призна самиот Стево Пендаровски, со што се злоупотребува и комисијата и нејзиното мислење. Оттука ги повикуваме и оние кои што ги потпишуваат уредбите да внимаваат што потпишуваат, а и оние кои што имаат намера да потпишат нешто што е незаконско, да знаат и да внимаваат што потпишуваат, затоа што ќе одговараат и целата нивна работа ќе биде предмет на ревизија“, изјави Стоилковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e