Стефановиќ: Договорена побрза и подобра координација на македонската и српската полиција во борбата против организираниот криминал

Министрите за внатрешни работи на Р.Северна Македонија и на Република Србија, Оливер Спасовски и Небојша Стефановиќ, во присуство на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска во Скопје потпишаа билатерални договори меѓу двете влади за отворање заеднички граничен премин Лојане-Миратовец, за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и против криумчарење мигранти.

Справувањето со организираниот криминал и облиците на тероризам, кои важат како предизвици во денешно време за најсериозен проблем со кое се соочува секое општество, како и хибридните закани, биле меѓу темите за кои разговарале на денешната средба министрите за внатрешни работи на двете држави.

ГП Лојане – Миратовец, информираа на заедничката прес-конференција по работната средба министрите Спасовски и Стефановиќ, во почеток ќе функционира како премин за локален сообраќај, а по исполнување на условите и како заеднички ГП за меѓународен патен сообраќај.

Во борбата против организираниот криминал во широка смисла, информира министерот Стефановиќ, е договорена побрза и подобра координација на криминалистичките полиции, затоа што, подвлече, двете земји имаат одлична полициска соработка, но контактот меѓу криминалистичките полиции можат да бидат уште подобри во однос на шверцот на наркотици и против организираните криминални групи кои постојат во регионот.

Во однос на хибридните закани кои добиваат во интензитет во овој период, како што нагласи министерот Спасовски, имајќи предвид лажни вести, пропаганда и се друго што се сервира пред граѓаните, мора да се бара решение како да се справуваме со овие прашања.

– Посебно би ги истакнал лажните вести, кои навистина можат да креираат состојби сценарија… кои придонесуваат немир кај граѓаните и тоа е нешто на што сме длабоко посветени, да создадеме механизми, да направиме законски промени ако е потребно, со цел да имаме можности од вакви хибридни закани, рече Спасовски.

На прес-конференцијата министерот Спасовски информираше дека во однос на мигрантскиот тек во оваа година има зголемување на обидите за премин на грчко-македонската граница.

– Имаме успешно спречени околу 21 илјада мигранти кои се обиделе да бидат на територијата на РС Македонија. Се појавува една состојба сега и на влез на државјани на Куба, кои влегуваат од Србија према земјава и сакаат да преминат на грчка граница, меѓутоа тоа е мал број мигранти. Најголем е процентот на јужната граница и токму заради тоа паралелно со таквите обиди се појавуваат и криумчарењето на мигранти, рече Спасовски.

Додаде дека паралелно се работи и на откривање организирани криминални групи, кои работат на криумчарење на мигранти, а досега има 68 такви случаи на разбивање криминални групи во нашата држава. Има околу 80 сторители, посочи, и околу 1.300 криумчарени мигранти, фатени на територијата на РС Македонија.

Вицепремиерот Османи потенцира дека ГП Лојане-Миратовец е првиот конкретен резултат од средбата на лидерите на Охридскиот самит и информира дека објектот на ГП ќе го финансира Норвешката влада и други меѓународни партнери. За Граничниот премин Белановце-Станчиќ, Османи посочи дека од наша страна веќе сме подготвени за стартување, се чека, истакна, еден телекомуникациски кабел преку кој косовската полиција треба да ги поврзе своите компјутери со дата базата. Се очекува, рече тој, многу брзо да почне да функционира.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e