Старата снимка не го ослободува Стојановски од одговорност

Градоначалникот на општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски, кој е од редовите на СДСМ, вчера беше повикан на информативен разговор во полициска станица поради заканите кон своите вработени.

Во јавноста се прошири видео материјал на кој се гледа како Стојановски им се заканува на вработените дека ги прислушува нивните разговори. Според Стојановски снимката која се појавила на интернет е од протест во основното училиште „Гоце Делчев“ во Демир Хисар кој се случил во средината на јануари, годинава. Протестот се одржал поради промена на две учителки во други подрачни училишта, информираат од МВР.

По насока на Јавно обвинителство, градоначалникот Стојановски по разговорот е пуштен од полициската станица, а во врска со овој случај ќе се повикуваат повеќе лица на службен разговор со цел негово целосно расчистување, додаваат од МВР.

Снимката се прошири на интернет порталите и социјалните мрежи со информацијата  дека градоначалникот ги присилува да гласаат за референдумот. На снимката се забележува дека лицата се облечени со зимска облека, капи, јакни, бунди, џемпери… Обидот на „куририте“ и движењето #Бојкотирам е очаен, ја навредуваат интелегенцијата на граѓаните. Нелогично е да се облечени со бунди кога во овој временски период е топло и до 30 Целзиусови степени, па макар тоа да е и Берово, кое важи за една од општините со најниски темератури.

Но, тоа дека градоначалникот уште во јануари им се „фалел“ дека претходно работел во МВР и дека ги прислушкувал нивните разговори, ниту најмалку го ослободува од одговорност. Напротив! На тие вработени им е нарушена приватноста, бидејќи тој ги „предупредува“ дека точно знае кој каде оди, што прави, итн. Всушност, без срам им вели дека им влегол во дневната и спалната соба и точно знае што прават кога не се на работа!

Одговорност мора да има. Едукација и промовирање на европски вредности може да се прават во наредниот период, сега треба да се почне со  казнување и репресивни мерки, бидејќи така најбрзо се учи како не треба!

Ако нема никаква одговорност, тогаш овој тренд на „дебатирање“ со колегите, вработените, граѓан(к)ите ќе продолжи. Време е граѓаните да се чувствуваат слободни и безбедни, оти само така ќе може да бидеме дел од европското семејство…

Извор: ЦивилМедиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e