Спасовски: Добро опремена полиција може да гарантира безбедност на границите

Во рамките на вториот ден од официјалната посета на Словенија Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изуринава го посети граничниот премин „Обрежје” на хрватско-словенечката граница.

Во придружба на заменик министерот за внатрешни работи на Словенија, Спасовски беше директно запознаен со работата на словечката гранична полиција, во делот на спречување на илегалните преминувања, но и недозволената трговија и шверц. На министерот му беа презентирани бројките кои ги загрижуваат словенечките власти, а тоа е дека годинава имаат зголемување од 70 отсто на обидите за илегално поминување на границата.

Спасовски се заблагодари на словенечката полиција за директниот придонес, кој нивните полицајци го имаат во заштитата на јужната граница на Северна Македонија, каде се дел од меѓународните полициски сили кои повеќе од четири години се таму распоредени.

„Едно е јасно, а тоа е дека мораме да имаме современа опрема со цел да имаме брза и ефикасно контрола на границата. Од една страна да имаме брз проток на луѓе и стока, но од друга страна тоа да биде безбедно“, изјави министерот Спасовски.

На Спасовски му беше презентирана и целата опрема која ја користат словенечните полицајци и начинот на кој тие се обидуваат да го зголемат протокот на нивните граници, но воедно да ја зголемат и безбедноста. За таа цел тие користат најсовремени камери, рентгени, но пред се добро обучени и опремени полициски службеници. Според министерот овие позитивни искуства секако ќе се применат и во работењето на МВР.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e