Сопругата на Камчев ќе сведочи во Рекет

Ана Камчева, сопругата на сведокот за „Рекет“, Орце Камчев денеска во Кривичниот суд во Скопје ќе се соочи со обвинетите Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева. Таа пред судот ќе сведочи како на Боки 13 му дала половина милион евра, додека нејзиниот сопруг бил во притвор како осомничен во случајот на СЈО „Империја“, односно 350 илјади евра спакувани во кутија за кондури, а кои завршиле кај Јанева и уште 150 илјади евра во ќеса, за третообвинетиот Зоран Милевски – Кичевски, кој на првото рочиште призна вина и доби казна затвор од три години.

Камчева требаше како сведок да се јави во судот во петокот, заедно со нејзиниот сопруг, но поради доставена документација дека била болна, нејзиното сведочење беше презакажано за денеска.

Камчев во своето сведочење тврдеше дека Јовановски му ветувал дека ќе има спогодба доколку ги даде парите, а откако неговата сопруга веќе дала половина милион евра, тој одлучил да снима како дополнително дава милион евра, првообвинетиот Бојан Јовановски го прашуваше што друго имало во торбата Луј Витон и дали торбата подоцна била вратена кај него.

Камчев пак, нагласуваше дека Јовановски му рекол оти обвинитлката Лиле Стефанова и второобвинетата Катица Јанева ќе средат се околу случајот „Империја“, кога тој ќе ги даде парите, но и дека случајот го пријавил кај премиерот Зоран Заев, кој бил запрепастен и го советувал доказите да ги однесе кај обвинителката Вилма Русковска.

Беше споменато и името на министерот за здравство, Венко Филипче, кој учествувал на средба со Јовановски и Камчев, но како што рече оштетениот, на таа средба се разговарало за јавно-приватно партнерство за некаква клиника, идеја на Јовановски за која не биле заинтересирани ниту министерот Филипче ниту бизнисменот Камчев.

И наспроти тврдењата на опозицијата дека во случајот се вмешани политичари, оштетениот Јордан Камчев излезе со спротивен став, дека во неговиот случај немало ниту еден политичар вмешан. Во судница кажа дека Јовановски му покажувал фотографии со политичари од владејачката партија, а често ги викал и на гости во телевизијата за да покаже блискост со нив, со цел полесно рекетирање на бизнисмени.  Како вмешани во случајот, Камчев ги спомена и судијката Весна Димишкова, која била истражна судијка за случајот „Империја“, и нејзиниот брат, адвокатот Васил Димишков.

Извор: Стандард.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ