Пратениците во Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови ја изгласаа преодната Влада согласно партискиот договорот – 100 дена пред избори.
Министер за внатрешни работи повторно е назначен генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски, а ресорот труд и социјала го презема Фросина Ременски. И двајцата денеска дадоа свечени изјави во законодавниот дом.
Нивни заменици ќе бидат Оливер Андоновски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ во МВР, и Диме Спасов заменик – министер за труд и социјала.
На функциите дополнителни – заменици министри повторно се враќаат Кире Наумов во финансии, Александар Кирацовски во министертвото за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски во ресорот земјоделство.
Согласно оваа одлука, Собранието ќе треба да се распушти на 12. октомври и да се распишат избори.
Премиерот Емил Димитриев истака дека очекува министрите и дополнителните заменици – министри да имаат коректна соработка наместо конфликти и освен организацијата на избори, да овозможат непречно да се одвиваат и проектите на Владата.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во репликите уверено велат дека време е за избори на 11 декември и двете страни се надеваат за победа на избори.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески посочи дека намерата на министрите и замениците од СДСМ не е да делат власт со ВМРО-ДПМНЕ, туку да учествуват во подготвување на фер избори.
Тој вели дека опозицијата е уверена оти повторно ќе има нечесни скриени намери и смета дека улогата на министрите од СДСМ ќе биде токму да го спречат тоа.
-Далеку од умот е некој да мисли дека влегувањето на нашите министри е делење на власт во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи владеење во изминатиот период немаше, имаше чиста диктатура. Ескалирањето на кризата беше прислушувањето кое и се случи на Македонија, каде граѓаните имаа можност да слушнат што значи местење на избори, нарачани судски одлуки, политички реваншизам, рече Сугарески.
За парламентарни избори на 11. декември повика и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владо Ѓорчев, кој обвини дек опозицијата две години се бори да не овозможи на граѓаните да го искажат своето мислење на избори.
Изборната кампања предвидено е да започне на 21. ноември, а на 27 истиот месец ДИК ќе го затвори Избирачкиот список. На 10. декември завршува изборната кампања и почнува изборниот молк пред најавените предвремени парламентарни избори на 11 декември.