Службеничката од Министерството за земјоделство, Јасмина Костадинова, е осудена на 10 месеци затвор за примање мито во рамки на случајот поврзан со Илија Стоилев.
Костадинова на последното рочиште ја признала вината дека примила 2.000 евра за посредување фирма да добие средства од ИПАРД програмата. Судот одлучи во казната да ѝ се засмета и времето поминато во домашен притвор од ноември 2025 година, а мерката ѝ е продолжена и понатаму.
Дополнително, судот одби да ѝ ги врати парите и нареди конфискација на вкупно 8.000 евра, кои биле запленети при полицискиот претрес.
Судијката Ленка Давиткова при изрекување на пресудата истакна дека улогата на обвинетата била клучна и дека ваквите дејствија ја поткопуваат довербата во институциите, особено кога станува збор за злоупотреба на европски фондови.
Во истиот предмет обвинети се и Џевдет Насуфи, како и Стоилев, кој според обвинението требало да добие 50.000 евра за да одобри проект финансиран од ИПАРД 3 програмата. Полицијата, како што се наведува, го затекнала со дел од парите.
По избивањето на случајот, Европска комисија привремено ја стопираше исплатата на 2,9 милиони евра од ИПАРД средствата, кои неодамна беа повторно одблокирани.
Судењето за останатите обвинети продолжува на 11 мај.
