Следната недела наставниците ќе ги добијат своите зголемени плати

Октомвриската плата на вработените во образованието, која ќе биде исплатена на почетокот на ноември, ќе биде поголема 5 отсто, а за зголемување на платите во здравството преговори ќе има следната недела. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека платите во образованието континуирано ќе растат во следните години, а најголем раст од речиси 12 отсто се планира во март 2028 година.

„Во основното и во средното образование веќе постигнавме договор со Синдикатот. Сега веќе во ноември, кога ќе ја добијат октомвриската плата вработените наставници и професори, таа ќе биде повисока 5 % и така ќе биде до март 2025 година. Во март 2025 година ќе биде зголемена 7 %, значи во април 2025 година веќе платите ќе бидат зголемени дополнителни 7 %. Во март 2026 помеѓу 7,5 и 10 % во зависност од тоа како ќе се движи економијата, генерално, и полнењето на буџетот. Во март 2027 година исто така меѓу 7,5 и 10 %, во март 2028 година меѓу 10 и 12,5 % во зависност од економијата и полнењето на буџетот“, рече премиерот Мицкоски и нагласи дека во високото образование годинава платите се зголемени 30 отсто во согласност со колективниот договор.

В понеделник или вторник следната недела премиерот Мицкоски најави разговори со Синдикатот за зголемување на платите во здравството и постигнување договор и со нив.

Во буџетот за следната година за зголемување на платите се предвидени приближно 6 милијарди денари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e