Штајнмајер: Посакувам пристапот на Северна Македонија во ЕУ да се случи многу брзо, но реформите мора да продолжат

Посакувам пристапниот процес за Северна Македонија да се случи многу брзо и да нема нови пречки, но реформскиот процес на земјата мора да продолжи и можете да сметате на поддршката од Германија, порача денеска германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на заедничката прес-конференција со шефот на државата Стево Пендаровски.

Во однос на тоа колку е реален планот на македонската Влада земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, Штајнмајер изјави дека тоа не може да го предвиди.

– Дали тоа ќе биде 2030 година, мора да разберете, никој во моментов тоа не може да го каже, ниту политичарите од Северна Македонија, ниту од Германија, ниту пак од ЕУ. Никој не може да вети, но треба да се стремите кон тоа и целта треба да биде стремежот да се постигне оваа цел и таа е присутна тука. Реформскиот процес тука во земјата треба да се движи со брзината која што е потребно од аспект на пристапување во ЕУ, се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзо, рече Штајнмајер.

На новинарско прашање како гледа на тоа дека „во пристапните преговори е вклучена и Историска комисија“, Штајнмајер вели дека веќе зборувал за посебни услови, односно како што рече, „посебни оптоварувања“ во пристапниот процес.

– Под тие оптоварувања сметам дека овој пристапен процес и во минатото беше поврзан со многу историски прашања и се бавеше со нив, при што кога зборуваме за пристап кон ЕУ, всушност зборуваме за прашања од сегашност и за заедничката иднина во Европа, така што би сакал само да советувам – акцентот да биде поставен во тој правец, не кон минатото и да не се бараат нови пречки, оцени Штајнмаер.

Шефот на германската држава исто така рече и дека за време на посетата на државава, нема само да се обрати во Парламентот, туку оти и ќе има седба и со пратеници од различни политички партии.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e