Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во интервју во МИА зборуваше за новите детали во врска со продажбата на Градската куќа, истакнувајќи дека станува збор за објект кој е нефункционален.
„Јас пишав писмо до сите советнички групи бидејќи ако во нешто верувам во животот тоа е транспарентноста, сите советнички групи до денес да достават свој претставник кој ќе биде на извесен начин надворешен член или надзор на работата за продажбата, откако ќе ги добијам сите дописки и од кога ќе истече рокот тогаш ќе ја свикаме седницата на комисијата, ќе ги повикаме претставниците да присуствуваат и ќе одиме со јавен оглас. Ние ќе направиме обид да продадеме еден објект што не е достоен за градот Скопје, нефункционален.
Место што не е поврзано со јавен транспорт или нема ни паркиралиште за луѓето што треба градот да ги опслужи, место што едноставно е недостојно за главен град. Погледнете ги главните градови во Европа. Во Тирана на плоштад, во Софија на плоштад, во Љубљана на плоштад, во Сараево е на центарот… Едноставно тоа е стандардот што го сакам. Ако успееме да ја продадеме Градската куќа таков стандард и ќе запазиме. Притоа до цент што е вложено, до денар што е вложено од граѓаните на Скопје преку буџетот на градот ќе биде вратен затоа што е тоа минималната цена од која ние ја стартуваме продажбата и под која нема да се спуштиме“, рече Шилегов.