Секој деветти возрасен човек во Македонија има дијабетес

Бројот на заболени од дијабетес во земјава изнесува 123.850, покажуваат податоците од електронскиот систем „МојТермин“ заклучно со 31 декември 2018 година, истакна претседателот на Националната комисија за дијабетес, Ирфан Ахмети.

Според него тоа е за 3.850 повеќе споредено со претходната година, потенцирајќи дека доминира возрасната група која е работоспособна од 40 до 65 години и таа изнесува повеќе од 50 проценти.

„Од вкупниот број заболени 40.000 се на инсулинска терапија“, рече д-р Ахмети пред почетокот на завршниот централен настан за одбележување на 14 ноември, Светски ден против дијабетес, што се одржа во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари.

На настанот присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во изминатиот период е направена многу значајна измена на Законот за паралелен увоз на лекови, со што во земјава се донесени оргинални инсулини со сертификат какви што се носат во сите развиени европски земји.

„Со тоа значајно се подобрува квалитетот на третманот на дијабетесот. Со овие нови лекови се подобрува и кардиоваскуларниот ефект заради тоа што има многу поголемо влијание на кардиоваскуларниот систем. Во изминатиот период активно работевме со сите чинители кои имаат улога во овој процес во изготвување на новата десетгодишна стратегија за третман на дијабетес, која во себе содржи елементи кои ја подобруваат превенцијата, раното откривање на дијабетесот, соодветниот третман на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита. После носењето на оваа стратегија ќе почне ревитализација на сите центри за дијабетес ширум државата“, додаде Филипче.

Директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, Саша Јовановска Мишевска рече дека целта на Националната стратегија за дијабетес е намалување на бројот на новодијагностицирани лица, навремено дијагностицирање и адекватна и навремена терапија со цел да се спречат компликации: на срцето и крвните садови, како што се миокарден инфаркт, мозочен удар, на бубрезите кои водат до нивна терминална слабост со потреба од дијализа, на очите кои водат со слепило, циркулаторни компликации, компликации со нервите кои некогаш можат да донесат и потреба од ампутација на екстремитети. Таа изрази надеж дека од Националната стратегија ќе произлезе Акциски план.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e