Министерката за енергетика, Сања Божиновска излажа за своето бугарско државјанство, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, најавувајќи иницијатива фунционерите да може да имаат само македонско државјанство.
„Јавно беше објавен документот со кој таа самата потврдува бугарска самосвест, и тој документ носи нејзин личен потпис. Ова ја разобличува нејзината лага дека „адвокати и ја потпишале изјавата“. Дополнително, нејзиното тврдење дека бугарско државјанство добила за економски причини е далеку од вистината. Бугарија не беше членка на ЕУ во 2004 година, кога Божиновска го добила државјанството. Економските можности во Бугарија беа послаби од оние во Македонија во тоа време. Ако економски причини не се причината, тогаш прашањето е: кои се вистинските мотиви? Дали навистина има бугарски национални чувства кои ја мотивирале на ваков чекор? Додека Мицкоски тврди дека се бори против вклучувањето на Бугарите во уставот, тој очигледно нема проблем со државни функционери кои поседуваат бугарско државјанство во најтесното опкружување на Владата. Ова е лицемерие на највисоко ниво кое ги погодува сите граѓани и отвора многу прашања. Колку уште лица во тесното владино опкружување имаат двојно државјанство, и дали тие служат на интересите на Македонија или на странски интереси?“, рече Кузеска.
Најави дека од тие причини СДСМ ќе поднесе иницијатива за законски измени со кои ќе се постави јасен и конкретен услов – премиер, вицепремиери, министри и пратеници да можат да бидат лица кои поседуваат само македонско државјанство.
Бугарски БГНЕС претходно објави дека во октомври 2004 година Божиновска своерачно потпишала дека има бугарско потекло при апликацијата за бугарско државјанство