Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија останаа без биолошка терапија.
По тој повод се огласи опозициската СДСМ од каде што велат дека недостигот од лекови како „atezolizumab“, „bevacizumab“, „palbociclib“, „ribociclib“ и други, претставува алармантен проблем. Станува збор за лекови кои буквално значат живот за пациентите со метастатски канцери.
„Дали оваа влада, која ги троши народните пари на мебел, коли и луксуз, има барем малку одговорност кон граѓаните чие здравје и живот се загрозени? Наместо да обезбеди навремено финансирање и планирање на набавките, владата дозволува недостаток на есенцијални лекови и оставени пациенти на милост и немилост“, велат од СДСМ.
Партијата побара итно преземање мерки за обезбедување на потребната терапија за сите пациенти, oбвинувајќи ја власта дека состојбата е последица на системски хаос и лошо менаџирање со здравството.