РЕК Битола планира инвестиција од 30 милиони евра за замена на филтрите на блоковите 2 и 3 до 2025 година

За елекстростатските филтри во РЕК „Битола” веќе е подготвена и поднесена целата документација за добивање А-интегрирана дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање. Во планот за инвестиции на РЕК „Битола” се планира за 2023, 2024 и 2025 година замена на електростатските филтри за Блок 2 и Блок 3, инвестиција што ќе чини околу 30 милиони евра, информираше премиерот Димитар Ковачевски во попладневниот дел од седницата за пратенички прашања.

Во одговор на прашање од пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Олга Лозановска кога ќе се реализира ветувањето за замена на филтрите на оџаците на РЕК Битола, Ковачевски посочи дека за Блок 1 не е предвидена таква активност затоа што не е завршена модернизацијата на овој блок.

– Причината е што во 2016 година договорот којшто е направен за модернизација на РЕК Битола со „Бабкоб” компанијата е раскинат. За тоа како е случен договорот, како е раскинат договорот ќе можете да го прашате менаџментот на компанијата од 2016 година или членот на Надзорниот одбор на компанијата во 2016 година, ќе го видите попладне на состанок и за раскинување на тој договор компанијата е на меѓународна арбитража со изгледи државата да треба да плаќа десетици милиони евра отштета, рече Ковачевски.

Тој очекува на почетокот на следната година да почнат теренските активности во рудникот Живојно за испитувања, но и за откривање јаловина и вадење јаглен.

-Во однос на рудникот Живојно, работната група за отворање на рудникот Живојно, тоа знае најдобро пратеничката од Битола е формирана во 1980 година и оваа Влада после 42 години ја подготви целосно документацијата и Министерството за економија издаде концесија и сите потребни дозволи за ставање во употреба на рудникот Живојно. Значи, после 42 години! Па сега видете вие кој се управувал со ЕЛЕМ, со РЕК 42 години. Врз основа на таа издадена дозвола и врз основа на друга документација јас очекувам некаде на почетокот на идната година да почнат теренските активности во рудникот Живојно за теренски испитувања, но и за откривање на јаловината и вадење на јагленот, рече Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e