Премиерот Заев на средба со ЗНМ и ССНМ: Владата е подготвена за итни и квалитетни медиумски реформи

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот Роберт Поповски задолжен за комуникации, транспаретност и отчетност денеска се сретнаа со претставници на Здржението на новинари на Македонија и на Самостојниот синдикат на новинари и на медиумски работници.

Тема на состанокот беа потребните медиумски реформи.

Премиерот Заев информираше дека Владата е целосно определена да создаде услови за објективно и професионално работење на медиумите.

„Владата е подготвена во соработка со новинарските здруженија и организации да спроведе итни и квалитетни  медиумски реформи. Граѓаните имаат право да бидат навремено и точно информирани. Лошата состојба со медиумите во Македонија, констатирана во извештаите на сите домашни и меѓународни организации, оваа Влада ќе ја смени. Целта на новата Влада  е да го заштити достоинството на новинарите и медиумските работници, тие да работат без притисоци, слободно и професионално. За таа цел ќе ги земеме предвид приоритетите изложени од ЗНМ и ССНМ како неопходни во медиумската сфера“, рече премиерот Заев.

Исто така претседателот на Владата, Заев изрази подготвеност да се направат сите неопходни законски измени за гарантирање на слободата на говорот и за независноста на медиумите, за да се заштитат новинарите и медиумските работници од насилства.

Двете новинарски организации соопштија конкретни решенија околу финансирањето на медиумите, реформата на јавниот сервис и за подобрувањето на работничките права во редакциите.

Премиерот Заев и министерот Поповски задолжен за комуникации, транспаретност и отчетност се обврзаа на отворени комуникации, целосна транспарентност и отчетност на Владата и на институциите.

Изразена е заедничка согласност за соработка на принципиелно ниво, со цел зајакнување и унапредување на професионалните стандарди, како и на концептот на саморегулација во медиумите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e