Во судницата во Идризово денес беа презентирани едни од најтешките материјални докази во процесот – над 60 писмени извештаи од извршените обдукции на настраданите во пожарот во „Пулс“.
Деталите од наодите на судска медицина откриваат морничава слика за последните моменти на жртвите, од кои голем дел биле на возраст од 16 до 25 години. Извештаите недвосмислено потврдуваат дека смртта кај сите настапила насилно.
Смртоносниот чад: Над 50 лица починале од јаглерод моноксид Читањето на наодите потврди дека најголемиот број од жртвите не починале од самиот оган, туку од густиот и отровен чад кој брзо го исполнил просторот. Обдукциите покажуваат дека кај повеќе од 50 лица, причина за насилната смрт е труење (интоксикација) со јаглерод моноксид.
Дел од обдукциските наоди сведочат за хаосот, паниката и стампедото кое настанало при обидот да се избега од пламените јазици. Кај четири од жртвите, експертите по судска медицина констатирале насилна смрт предизвикана од компресија, односно силен притисок на градниот кош, што укажува дека биле згмечени во толпата.
Дополнително, кај дел од починатите, како Тоше Тодоровски (36), Адријан Живков (24) и Александар Алексов (38), како причина за смртта е наведен апсолутен недостаток на воздух и кислород во околната средина.
Термички изгореници и жртви кои починаа подоцна Освен задушувањата, дел од извештаите сведочат за директното влијание на екстремно високите температури. Кај 30-годишниот Ѓорѓи Величков е констатирано термичко оштетување на горните дишни патишта.
