Потресни пораки и исповеди осамнаа како дел од кампањата #ЗоштоНеПријавив

Како дел од повеќедневниот активизам во борбата против насилството врз жените, но и општо врз сите луѓе, платформата „Медуза“ даде шанса на сите кои досега молчеле, конечно да кажат што им се случило, но и зошто никогаш не го пријавиле случајот.

На листовите на кои стои самиот хаштаг #ЗоштоНеПријавив, секој може да ја напише причината и конечно да ја истакне на јавна површина, пред очите на многу луѓе.

Свесноста околу насилството уште е на доста ниско ниво, иако е факт дека е доста распространето. Сексуално насилство постои, за жал, и меѓу пријатели, на работно место, во семејствата… Често жртвите се цел на потсмев и недоверба, а со тоа воопшто не им се помага да ја надминат траумата на која биле изложени.

„Затоа што беше политичар од власта“, „Затоа што ми беше директор на работа“, „Бев пијана“, „Не знаев каде да пријавам“, „Знам дека е џабе“, па дури и „Ми беше најдобар другар“, „Се закани дека ќе каже колку сум лесна“ и „Не бев свесна што ми се случува“, се само мал дел од потресните исповеди објавени на социјалните мрежи како дел од кампањата #ЗоштоНеПријавив.

Поразителен е и фактот што постојат и голем број жртви на сексуално насилство кои уште молчат и тешко би се осмелиле да прозборат за поминатата траума. Некои уште се плашат од тоа, додека пак други ги потиснуваат тие сеќавања длабоко во себе и не ги „будат“, за да не ја разгорат повторно истата болка, стравот и вознемиреноста.

Жртвите на насилство молчат затоа што се плашат, затоа што насилникот често е блиска личност на нивните семејства или уште полошо, член е на семејството.

Време е тоа да престане.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e