Поевтина струја за прехранбената индустрија, комунални претпријатија и училишта

Повеќе компании од прехранбената индустрија, јавни водоводни комунални претпријатија и основни и средни училишта од утре па до 30 април идната година кога истекува кризната состојба во енергетиката ќе се снабдуваат со електрична енергија по повластена цена преку „ЕСМ продажба”.

Согласно одлуката на Владата, компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи како масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месна и живинарска индустрија ќе добиваат субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба” по цена од 80 евра за мегават час, за основните и средните училишта субвенционираната цена ќе биде по 95 евра за мегават час исто како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици.

До 23 ноември, крајниот рок за пријавување за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември, беа пријавени 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474-те на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те, како и 235 субјекти, физички и правни лица, од областа на прехранбениот сектор. Властите најавуваа дека субвенционирана струја ќе добијат околу 1.000 субјекти од прехранбениот сектор од кои 600 мали пекарници. Според нив, релативно малиот интерес покажан за пријавување за добивање струја по повластена цена се должи на фактот што голем дел од нив имаат важечки договори за снабдување со електрична енергија, а некои и веќе имаат поставено сопствени фотоволтаици. Сепак, дел од ние што навремено не се пријавиле имаат можност тоа да го направат во следните денови и од 1 јануари да бидат снабдувани со електрична енергија по повластена цена.

Властите велат дека од 1 декември сите компании кои можат да ја користат мерката за субвенционирано снабдување со електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час ќе треба да ги намалат цените на производите.

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна порача дека мерките за субвенционирана електрична енергија за компании кои произведуваат основни прехранбени производи се направени со цел за најмалку за 10 проценти да се намалат цените на таквите производи.

-Со последната мерка на Владата обезбедивме поевтина струја за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Резултатите веќе се евидентни, одредени производители ја намалија цената на лебот, а цената на маслото за јадење на одредени произведувачи е намалена и за 40 денари. Очекувам во наредните денови до 10 отсто намалување на цените на основните прехранбени производи. Ова е време на одговорност, не е време за профит, порача завчера Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, неодамна рече дека се знае какви одлуки ќе се носат на Влада ако од 1 декември нема намалување на цените на основните прехранбени производи согласно компонентата или, пак, инпутот на електрична енергија.

-Од 1 декември треба да ги видиме резултатите на пазарот на коригирани цени на основните прехранбени производи, а во следните четири месеци додека трае кризната состојба очекувам да продолжи намалувањето на нивните цени. Намалувањето за 10 отсто е реално согласно сите анализи кои се направени од страна на Министерството за економија и другите институции, истакна Бектеши.

Најави дека Државниот пазарен инспекторат во континуитет ќе врши контроли кон трговците на големо и на мало за почитување на мерката за ограничени маржи при утврдување на цените. Дополнителни контроли, како што кажа, се очекуваат од 1 декември.

-За оние кои нема да користат повластена цена на струјата ќе следат други мерки кои ќе се донесат во случај да не ги намалат цените. Согласно Законот за трговија можеме да донесеме мерки во време на криза за замрзнување на цени, одредување на маржи, и слично. Ги имаме листите и Државен пазарен инспекторат ќе врши соодветни контроли, рече Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски пред некој ден посочи дека за вкупно 518 нови субјекти АД ЕСМ преку „ЕСМ продажба” од 1 декември ќе треба да обезбеди електрична енергија по пониски цени.

-Списокот е пратен до „ЕВН дистрибуција” за и од нивна страна да се спроведат неопходните процедури со цел од 1 декември непречено да почне испораката на електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час за стопанските субјекти од прехранбената индустрија и по 95 евра за училиштата и за јавните претпријатија, рече Васко Ковачевски.

Истакна дека во изминатиот период за субвенционирано снабдување со електрична енергија се пријавиле и компании за кои не се однесуваше одлуката на Владата поради што не се земени во предвид. Има, како што кажа, и такви со некомплетни пријави и додаде дека тие ќе може да ги комплетираат во наредниот период и да влезат во групата за субвенционирано снабдување од 1 јануари идната година.

-Засега немаме прецизен и дефиниран податок колкава ќе биде вкупната количина на електрична енергија која АД ЕСМ преку „ЕСМ продажба” ќе треба да ја обезбеди за овие три категории на потрошувачи. Пресметките се прават сега и ќе се изготват во соработка со ЕВН Електродистрибуција, рече Васко Ковачевски.

За новите корисници, како што кажа, делумно ќе треба да се направи набавка на електрична енергија за што Владата ќе субвенционира средства кон ЕСМ од предвидениот буџет за енергетската криза во 2022 и 2023 година.

Од Стопанската комора завчера информираа дека водечки прехранбени компании опфатени со мерката за субвенционирана струја, иако побарале, нема да добиваат субвенционирана струја зашто веќе имаат поставено фотоволтаици.

-Иако опфатени со мерката за субвенционирана струја од 1 декември, некои компании од прехранбената индустрија, водечки во своите сектори, не ќе може да склучат договори со ЕСМ зашто имаат поставено фотоволтаици, истакна од Комората, но не откриваат конкретно за кои компании станува збор.

Од „ЕСМ продажба” информираа дека по пошта ги пратиле договорите за субвенционирано снабдување со поевтина струја од 1 декември.

-„ЕСМ продажба” ги испрати по пошта договорите за снабдување по субвенционирана цена до речиси сите јавни основни и средни училишта кои поднесоа пријави и кои ги исполнуваа условите, а за чии броила ЕВН Дистрибуција одобри снабдување. Тече испраќањето на договорите и на правните субјекти од прехранбената индустрија и до субјекти кои произлегуваат од водостопанската дејност. Субјектите за кои Дистрибуција не одобува снабдување на нивните броила или на дел од нивните броила, се известуваат телефонски од страна на „ЕСМ продажба”, со цел да преземат мерки во однос на причините утврдени од Дистрибуција, велат од „ЕСМ продажба”.

Од 1 јануари, додаваат, на субвенционирано снабдување ќе бидат приклучени сите субјекти кои дополнително ќе се пријават во следниот период, како и тие кои при првото пријавување немале комплетни документи и кои ќе ги комплетираат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e