Под слоганот „Сите нека знаат / Let Everyone Know“, на 20 јуни 2026 година ќе се одржи овогодишната Парада на гордоста во Скопје. Организаторите најавуваат дека Скопје Прајд годинава доаѓа во време на сериозни политички и општествени предизвици, како на локално, така и на глобално ниво.
Според соопштението на организацискиот одбор, настанот се организира во контекст на воени превирања, климатска криза, инфлација и системска корупција, но и во период на зголемен институционален и јавен наплив на омраза кон ЛГБТИК+ заедницата, објави 4news.mk
„Исцрпени сме, разочарани и гневни, но одбиваме да прифатиме дека нашите животи се условено дозволени само зад затворени врати. Скопје Прајд останува потребен затоа што условите што ја создадоа потребата за јавно и гласно присуство сè уште постојат“, порачуваат организаторите, потенцирајќи дека нивното присуство во јавниот простор и понатаму е политичко прашање.
Нова и подолга рута за поголема видливост
Годинава Парадата на гордоста доаѓа со изменета и проширена рута, што според организаторите не е само логистичка, туку и политичка одлука со која се испраќа порака дека јавниот простор им припаѓа подеднакво на сите граѓани.
18:00 часот – Собирање на учесниците кај Фонтаната во Градскиот парк.
19:00 часот – Почеток на маршот.
Движење на поворката: Маршот ќе се движи по булеварот „Илинден“, преку улицата „Рузвелтова“, па по булеварите „Партизански одреди“ и „ВМРО“, преку улицата „Димитрије Чуповски“, за крајната точка да биде во паркот „Жена-борец“.
Порака против замолчувањето и стравот
Овогодишниот слоган „Сите нека знаат“ е директен одговор на, како што велат организаторите, тишината што им се сервира како услов за безбедност и прифаќање. Пораката е насочена против системското бришење на ЛГБТИК+ луѓето од јавниот простор, културата и колективната меморија.
Истовремено, од организацијата укажуваат и на потешкотиите со кои се соочуваат оние припадници на заедницата кои сè уште живеат во страв од последиците доколку околината дознае за нивната сексуална ориентација или родов идентитет.
