Пенов: Под „Македонија повторно горда“ дали мислат на „гордоста“ во времето на Груевски?

Освен Стево Пендаровски од претседателските кандидати, кои други кандидати се политичари. Имаме универзитетски професор кој постојано повторува „Македонија повторно горда“, не знам за каква гордост се зборува, дали мислат на „гордоста“ во времето на Груевски? праша министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во утринската програма на „Слободен печат“.

-Кога ги гледаме изборите, сите се занимаваат со бројките, прогнозите. Тенденциите се видливи, соодносите се препознатливи, прашањето е еден два плус еден два минус, и што потоа ќе се случува. После овие избори Македонија излегува заглавена со умот, затоа што дискурсот којшто се наметнува во оваа кампања не ги решава проблемите кои ги имаме, туку го заробува умот во една автархична Македонија во услови кога геостратегијата ги меша картите целосно и практично ние со тоа ќе се изгубиме во тој простор, сепак Македонија е мала држава, рече Пенов.

Според него во градоначалничката позиција можеш да наметнеш свој белег, за разлика од другите политичари во општеството.

-Во парламентот има дебати, мене парламентот не ми лежи, затоа и не сум на листи. Посебно во овие расправи кои се квази-расправи, навреди. Во Владата си врзан со процедури, ингеренции на другите, иако изгледаш најмоќен, меѓутоа си со најврзани раце. Кај градоначалничката позиција постои можност да внесеш своја идеја, да ја реализираш“ рече Пенов.

Тој рече дека она што се нуди на овие избори е Европска опција, а од другата страна некои партии сметаат дека треба да се напушти Европска Унија, да се приклучиме кон Брикс, да се растураат договори, да не се прифати француски предлог.

„Кога сме кај францускиот предлог, ние доживеавме една голема победа, не сакам да речам ви-за-ви Бугарија затоа што ние бевме целосно блокирани од Бугарија. Не признаваа македонски јазик, македонски народ, македонска историја. Сепак сега сме признаени од цела ЕУ, посочи Пенов.

Тој во разговорот се осврна и на тоа дека Македонија е увозно зависна земја, и дека како држава има доволно свинско месо, но храна за свињи се увезува и има доволно градинарски култури, јаболко, грозје, но немаме енергија, енергетски извори.

„Фотоволтаици изградивме доволно, но немаме ноќна струја, ноќна струја треба да ни обезбеди РЕК Битола, а оваа централа денес произведува трипати поскапа струја отколку да ја купиме на слободниот пазар. Македонија е увозно-зависна земја и тоа треба сите да го разбереме, додаде Пенов.

Извор: Слободен Печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e