Пендаровски со апел до надлежните да го зголемат својот ангажман во ублажувањето на негативните ефекти од климатските промени

Шефот на државата Стево Пендаровски денеска вети дека ќе преземе се што е во негова надлежност со цел да се ублажат негативните ефекти од климатските промени и упати јавен апел до сите надлежни во земјава да го зголемат својот ангажман.

Пендаровски денеска се обрати на конференција „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“, на која професори и експерти од земјава и регионот дискутираат за постоечките ризици и за решенијата за адаптација и ублажување на климатските промени.

Конференцијата е во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

-Ние политичарите и раководителите во институциите, експертите, едукаторите и бизнисмените имаме обврска активно да работиме за да креираме поздрава животна средина, рече Пендаровски и потсети дека минатата седмица се сретнал со претставници на десетици граѓански организации, кои дејствуваат во оваа сфера и им ветил дека тој ќе стори се што е во негова надлежност за заштита на животната средина.

Напомена дека иако била во завршна фаза пред да ја потпише ја вратил Стратегијата за одбрана за да биде дополнета со посебни мерки и активности за еколошка безбедност.

Пендаровски нагласи дека кон средината на следниот месец на седницата на Советот за безбедност прв пат на дневен ред ќе биде ставена точка за заштита на животната средина, а на седницата се поканети и претставници на граѓански организации, кои ќе имаат можност да ги предложат своите мерки.

Претседателот изрази поддршка до граѓанскиот сектор, кој се залага да имаме поголем државен буџет за заштита на животната средина, со цел да се приближиме до просекот во ЕУ. Исто така даде поддршка и за создавање на национален фонд за заштита на животната средина, но додаде дека е потребно и да се инвестира во образованието со цел учениците во основно и средно образование да добијат интегрирано еколошко образование за заштита на животната средина.

Пендаровски нагласи дека нашата држава е една од најважните точки на биодиверзитетот во Европа и повтори дека како претседател на државата се залага за заштита на политиките на животна средина и на националниот биодиверзитет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e