ОВИЕ ПЕТ МАЛИ МАКЕДОНСКИ ВИНАРНИЦИ Треба да ги посетите во 2024-та

Речиси нема туристичка тура што не вклучува посета на винарница и дегустација на локални вина. Малите македонски винарници сè почесто се нудат како автентично доживување од страна на водечките туроператори, а еднодневни посети со дегустација се нудат и на „Вајн туризам“ (Wine tourism), најголемиот онлајн водич за вински туризам. Токму креаторите на оваа платформа направија листа со најдобрите македонски винарници што треба да ги посетите. Освен големите комерцијални производители „Тиквеш“, „Бовин“ и „Имако вино“, на списокот се најдоа и пет помали винарници, од кои две се наоѓаат во Тиквешијата, две на охридското крајбрежје и една на пет километри од главниот град.

Винарница „Захарчев“ (Zaharchev Winery and Distillery) 

Мала бутик-винарница во Кавадарци, насочена кон производство на вино од сорти на грозје што се карактеристични за Балканот и кои се речиси пред изумирање.

Годишно произведува околу 7.000 шишиња, исклучиво од балкански автохтони сорти, како станушина, пловдина, темјаника, вранец и прокупец.

Еднодневна обиколка на нивниот имот, во времетраење од час и половина, со дегустација на седум до десет нивни вина, чини 25 евра. Интересен момент е што освен на македонски и на англиски, турата е достапна и на шпански јазик.

Винарница „Стојан и синови“ (S&S Winery) 

Браќата Ванчо и Николче Шутароски ја продолжуваат семејната традиција во правење вино што пред половина век ја започнал нивниот татко Стојан. Винарницата е сместена во месноста Чекоштина, на два километра западно од Охрид. Годишниот капацитет е околу 5.000 шишиња. За 35 евра домаќините нудат автентично доживување во мирна средина, со кое на туристите сакаат да им покажат колку добро винарницата ги балансира природата и технологијата, пишува „Вајн туризам“.

За тие пари ви следува дегустација на шест вина со традиционална македонска храна. Според оцените на услугата, за оваа дво и полчасовна тура сè поголем интерес покажуваат гости од Турција и од Данска.

55739_depositphotos-404243454-s_iff

Винарница „Манастир“ (Monastery Winery) 

На листата со најдобри македонски винарници, според „Вајн туризам“, уште една е сместена на охридското крајбрежје.

Винарницата основана од Стефан Кочоски и Димче Ѓорѓиески се наоѓа во селото Опеница, на надморска височина од 770 метри. За посетители е отворена во 2019 година. Таа располага со надворешен дел, кој има капацитет за 80 гости, и со затворен простор, кој собира максимум 20 луѓе.

Во моментов располага со насади од вранец, семијон, хамбург, каберне, мерло и темјаника, а годишното производство е околу 10.000 шишиња. Сите сорти вино, околу десет, се произведуваат на традиционален начин, со минимална употреба на современи средства.

Пакетот од 22 евра вклучува дегустација на четири вина, мезе со локални сирења и чашка домашна ракија.

Винарница „Пешков“ (Family winery Peshkov) 

Семеен бизнис инициран од младиот претприемач Петре Пешков. Винарницата работи од 2017 година, а годишно произведува околу 4.000 литри од најпрепознатливите локални сорти грозје, како темјаника, вранец и смедеревка. Од 2020 година практикува исклучиво органско производство.

Лозовите насади се наоѓаат на надморска височина од 450 метри во селото Ресава, а зафаќаат површина од околу три хектари.

Гостите добиваат можност да дегустираат три сорти вино, со детален опис од домаќинот, кој е дипломиран енолог. По секоја дегустација следува чинија со локални сирења. Оваа винска тура трае 90 минути и чини 25 евра.

55738_depositphotos-161947386-s_f

Винарница „Картал“ (Kartal Winery) 

Лоцирана на пет километри од Скопје, уште една семејна винарница ви нуди можност да вкусите квалитетни македонски суви вина.

По завршувањето на земјоделскиот факултет, браќата Јордан и Филип заедно со својот татко, исто така агроном, одлучуваат да инвестираат во производство на вино. Денес на пазарот се присутни со петнаесетина вина од сортите вранец, каберне совињон, мерло, каберне франк, темпранило, шардоне барел ферментед и уште неколку други сорти на грозје.

Во рамките на винарската визба има соба за дегустација уредена во топол традиционален амбиент, со капацитет од 25 гости. Од четири до шест вина на „Картал“ спарени со соодветна храна се нудат на специјалното мени, за кое треба да одвоите 40 евра.

Само за една година регистрирани 95 мали винарници

По измените на Законот за вино во 2020 година, бројот на мали македонски винарници во континуитет се зголемува. Само лани биле регистрирани нови 95, а освен во Тиквешко како познат вински регион, изминативе четири години својата дејност ја формализирале и производители од Охрид, Битола, Прилеп, Скопје и од Куманово.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во декември минатата година потпиша 87 договори за грант-поддршка на мали семејни винарници, во износ до 10.000 евра, кој е наменет за набавка на опрема за производство и за ангажирање енолог.

Во Македонија во моментов се регистрирани 173 мали семејни винарници, со над 255 етикети. Здружението „Македонски семејни винарии“ пред три месеци го избра и својот прв вински амбасадор.

Извор: Bloomberg Adria

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e