Поразот на Виктор Орбан ќе предизвика политички потрес од Вашингтон до Москва, напиша порталот „Политико“ откако унгарските граѓани, на неделните избори во земјата, му ја дадоа довербата на опозицискиот лидер на партијата Тиса, Петер Маѓар. Очигледно, ниту Македонија не е имуна на ова влијание. Политичките промени во Унгарија се прелеаја и на македонската политичка сцена, каде што власта и опозицијата влегоа во нов бран жестоки препукувања, обвинување и меѓусебни политички пресметки околу меѓународните сојузи и влијанија, сумира vecer-press.
Во фокусот на новите меѓупартиски препукувања се најде прашањето за надворешнополитичките врски и досегашните сојузништва на домашните политички партии, кои едната страна ги претставува како гаранција за стабилност и европска перспектива, а другата како доказ за погрешни стратешки ориентации и затворени политички кругови. Се актуализира и реториката околу статусот на поранешниот премиер, Никола Груевски.
Опозицијата и власта меѓусебно разменуваат остри пораки, при што секоја страна се обидува да го искористи развојот на настаните во Унгарија како аргумент во домашната политичка битка. Реториката дополнително се заострува со обвинувањата за влијание, блиски релации со странски политички центри и наводни договори зад затворени врати.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ упати повик до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да престане да се фокусира на изборните процеси во други држави и да започне со внатрешно прочистување на партијата, за која велат дека, по последните изборни резултати, се наоѓа на работ од политичко исчезнување, откако претходно од СДСМ истакнаа дека, по поразот на Орбан на изборите, ВМРО-ДПМНЕ останува без својот единствен сојузник во ЕУ. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека актуелното раководство на СДСМ треба да се огради од Зоран Заев и „сите нему блиски сомнителни проруски бизнис-партнери во матни и криминални зделки“ за, како што велат, партијата да застане на свои нозе. Од владејачката партија, како доказ за падот на СДСМ, ги посочуваат резултатите на минатогодишните избори на кои паријата едвај беше трета во некои општини, а во некои дури и петта.
Од владејачката партија појаснуваат дека има официјална соработка со Унгарија, а не бизнис-врски со Орбан.
– Нема никакви тајни бизнис-врски со Виктор Орбан и неговата партија. Има официјални државни договори и соработка. Тоа значи договори меѓу Македонија и Унгарија, има соработка како две држави од ист континент – Европа, кои соработуваат на повеќе полиња. Можеби, Филипче со својот ментор Заев работел така, па мисли дека сите работат тајно и криминално. Оттука, Филипче нека се свести и нека се фати за својата примарна задача, а тоа е да го оттргне СДС од Заев, поточно да се огради јасно од неговите криминални бизнис-врски, криминални зделки и слично. Надлежните институции во правосудството треба да постапуваат по сè што е изведено во јавноста како информација – стои во партиско соопштение.
Претходно, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, преку социјалните мрежи прогнозираше дека, по Орбан, ќе следува пад на Вучиќ во Србија и на Мицкоски во Македонија.
– Недемократскиот режим на Орбан падна, токму како што најавуваме месеци наназад. Криминалната организација ВМРО останува без својот единствен сојузник во ЕУ. Нема повеќе криење на Груевски во Будимпешта, ниту бизнис-комбинации. Новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, најави длабока реформа во медиумите поради огромното влијание што го имаше Орбан врз нив. Паѓаат автократските режими. Следен е Вучиќ, а со него и Мицкоски. Време е за демократија! СДСМ ќе ја врати власта во рацете на народот и, конечно, ќе ја врати Македонија на европскиот пат. Демократијата и Европа победуваат – напиша Филипче на „Икс“.
Тајни бизнис-комбинации
Од неговата партија, со истата реторика, преку соопштение заклучија дека Унгарија ја избрала Европа наместо Русија и дека граѓаните на Унгарија јасно и гласно кажале: „Доста е автократија!“
– Криминалната организација ВМРО останува без својот единствен сојузник во Европската Унија. Нема повеќе криење на Никола Груевски во Будимпешта, тајни бизнис-комбинации, ниту кинески пари што доаѓаа преку тој режим. Паѓаат автократските режими. Следен е Александар Вучиќ, а со него и Христијан Мицкоски. Регионот ѝ припаѓа на Европа, а не на Русија. Историската победа во Унгарија испраќа јасна порака до целиот регион: времето на автократите завршува – соопштија од СДСМ.
Во друго соопштение, од СДСМ порачаа дека „со падот на режимот на Орбан во Унгарија, наскоро може да дојде до целосно откривање на сите тајни бизнис- комбинации меѓу Орбан и Мицкоски“.
– Мицкоски ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан – не за државата, туку за свои лични и бизнис-интереси – истакнуваат од опозициската партија и посочуваат дека речиси 40 % од медиумскиот простор во Македонија е под директна контрола на луѓе на Орбан.
Од СДСМ се осврнуваат и на лиценцата за унгарската компанија „4iG“ за трет мобилен оператор во Македонија, на влијанијата што ги имал Орбан во енергетскиот сектор и во железницата, како и на унгарскиот кредит од една милијарда евра.
– Сега, кога падна Орбан, сите овие тајни договори и бизнис-комбинации ќе излезат на виделина. Сите овие договори мора да бидат детално истражени. СДСМ ќе бара целосна истрага на сите бизнис-комбинации меѓу Орбан и Мицкоски – стои во соопштението.
Унгарија нема да чува криминалци
По најавите на Петер Маѓар дека Унгарија „нема да чува криминалци“, повторно се отвори прашањето за статусот на поранешниот премиер Никола Груевски, кој веќе осум години живее во Будимпешта со добиен политички азил.
Сепак процедурите за ОДЗЕМАЊЕ АЗИЛ се малку посолжени и подолги процеси отколку изјавите на политичарите.
Според унгарското и меѓународното право, ваков статус може да се укине само ако престанат причините врз кои бил доделен – односно ако веќе не постои ризик по неговиот живот или политички прогон или ако лицето изврши сериозно кривично дело или претставува закана за безбедноста на државата. Но, тоа не е автоматска одлука, туку сложена правна постапка.
Дури и во случај на укинување на азилот, депортацијата не смее да се изврши ако постои ризик од неправедно судење, политички прогон или тортура. Дополнително, непознато е дали Македонија има ново барање за екстрадиција, откако последното беше одбиено пред шест години.
Во меѓувреме со измените на Кривичниот законик, застареа и дел од предметите против него.
