Општина Крива Паланка аплицираше за три капитални инфраструктурни проекти

Општина Крива Паланка поднесе аплиција за три капитални инфраструктурни проекти на јавниот повик на Владата на Република Северна Македонија за аплицирање проекти од страна на општините што ќе се финансираат преку Министерството за локална самоуправа.

– Со подготвена документација, на повикот на Владата Општина Крива Паланка аплицираше три капитални проекти. Првиот, за изградба на модуларна катна гаража кај зелениот пазар, со обнова на постојната инфраструктура, за кој само првата фаза изнесува 55.000.000 денари. Апликација е поднесена и за реконструкција на централна градска улица од нас.Единство до клучка со магистралниот пат А2, Куманово – Крива Паланка, кај локација технички преглед, а проектот опфаќа и регулација на атмосферската канализација. Истиот е во вредност од околу 54.000.000 денари, додека третиот проект за кој аплицираме е „Реконструкција на постојниот пат од манастирски комплекс „Св.Јоаким Осоговски” до туристичкиот локалитет „Калин Камен”, за кој се проектирани околу 55.000.000 денари, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Јавниот повик на Владата завршува денеска, по што се очекува фазата на одлучување во надлежните институции, за општините да можат да бидат корисници на средства за подобрување на условите за живот на своите жители преку реализација на капитални проекти.

Од Општина Крива Паланка посочуваат дека трите проекти се очекува да овозможат урбанизација, решавање на проблемот со недостаток на паркинг места во градот и намалување на сообраќајниот метеж, како и унапредување на инфраструктурата за развој на туризмот и модернизација на општината.

Согласно јавниот повик на Владата за реализација на проекти на општините им стојат на располагање средства во вкупна вредност од 250 милиони евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e