Ниту еден од патниците од авионот за Финска немал решение за изолација поради Ковид-19

Ниту еден од 157 патниците кои со авион од Скопје во саботата заминале за финскиот град Турку, немал решение за изолација како позитивен на Ковид-19, соопшти Министертсвото за здравство.

– Ниту еден од нив не е регистриран во базата на позитивни случаи со Ковид-19 во нашата земја, што значи немаат решение за изолација како позитивни од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, посочуваат од МЗ по извршените проверки за сите патници од авионот.

Финските власти вчера соопштија дека 24 од 157 патници кои пристигнаа во Турку од Скопје по направените доброволни тестирања биле позитивни на Ковид-19.

Според информациите на службите од Скопскиот аеродром и граничната полиција, повеќето од 157-те патници во авионот се државјани на Косово и на Финска, а само двајца се македонски граѓани. Најголем дел патувале со косовски пасош (95 лица), со фински пасош (60 лица), а останатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши.

Станува збор за патници, иселеници, кои доаѓаат во Македонија или транзирираат преку земјава од различни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, за кои со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e