Николовски – Задиќ: Австрија ги поддржува храбрите политики во борбата против корупција

Во рамки на работната посета на Виена, Република Австрија, денеска заменикот-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, имал работна средба со Федералната министерка за правда на Република Австрија, Алма Задиќ.

На средбата вицепремиерот Николовски ги презентирал тековните и идните владини мерки за борба против корупцијата. Како што соопштија од кабинетот на Николовски, тој ја информирал министерката Задиќ за усвојувањето на Националната програма за усогласување со европското законодавство 2021-2025, и изразил благодарност за поддршката на Австрија на реформскиот процес во Северна Македонија особено во областа на владеењето на правото.

– Со министерката Задиќ сме предводници на една млада генерација на политичари кои имаат искрени намери за нови промени кои резултираат со храбри политики и мерки за општество што почива на ред, правда и функционалност. Северна Македонија направи голем исчекор во однос на исполнување на стратешките цели, членството во НАТО, а нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори со ЕУ, се неспорни. Сега фокусот го ставаме на борбата против корупцијата и криминалот, не затоа што ЕУ го бара од нас, туку затоа што имаме обврска кон граѓаните да им овозможиме подобри услови за живот во општество еднакво за сите, рекол вицепремиерот Николовски на средбата со австриската министерка за правда, се наведува во соопштението.

Министерката Задиќ порачала дека Австрија останува отворена за експертска помош на Северна Македонија во делот на борбата против корупција.

– Вашата земја направи многу во поглед на евроинтеграциите, а клучен е напредокот што го направивте во борбата против корупцијата. Австрија останува силен поддржувач на Северна Македонија. Сите наши искуства, особено во делот на владеење на правото и борба против корупцијата ќе ви останат на располагање, рекла министерката Задиќ.

При официјалната посета на Виена, во текот на вчерашниот ден, стои во соопштението, вицепремиерот Николовски имал работни средби со извршната директорка на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (UNODC), Гада Фати Вали, како и со директорот на Одделот за спогодбени работи на UNODC и неговиот тим експерти, на кои се разговарало за досегашната соработка во рамки на Регионалната програма на UNODC за Југоисточна Европа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e