Николовски: Наместо да учат од грешките, колегите од ВМРО-ДПМНЕ покажуваат деструктивно однесувањe

Генералниот секретар на СДСМ и, сега веќе, пратеник во новото Собрание Љупчо Николовски се произнесе по повод информацијата дека ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите со претседателот на државата Стево Пендаровски.

-Кога растеме и созреваме, тоа не го правиме одеднаш. Созреваме некогаш во една димензија, некогаш во друга, учиме од сопствени и туѓи грешки, еволуираме. Ретко кој комплетно созрева, секогаш има нешто детско во нас кое излегува на површина кога ќе се начне одредена тема или ќе се случи нешто што ќе иницира наше незрело однесување… – пишува Николовски.

-Животот е таков и тоа е нормално во нашите лични секојдневија, но во јавниот живот ситуацијата е поинаква. Тука се бара многу поголема одговорност, многу поостро чувство за општеството и начинот на кој нашите акции влијаат понатаму. Тука простор за “детското” однесување нема и не смее да има. – посочи Николовски.

-Имавме избори. Демократски и фер избори на кои граѓаните гласаа слободно. Резултатите се такви какви се, за некого одлични, за некого помалку добри, за некого навистина лоши. Ниту јас можеби не сум во целост задоволен со истите, но ги прифаќам, влечам поуки и продолжувам понатаму. Таква треба да е демократијата!

Наместо да се подготвуваат за иднината, да научат од грешките, да понудат соработка за остварувањето на стратешките цели на државата, колегите од ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат деструктивно однесување кое навистина не знам кому му носи поени?! – порача Николовски.

Замолувам да ги преиспитаат своите одлуки и да постапуваат како возрасни и одговорни луѓе. Сепак, нивното водство е на чело на една сериозна партија со големо членство и ваков однос навистина не им доликува. Се надевам дека ќе размислат и ќе се сложат. – заклучи генералниот секретар на СДСМ во својата реакција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e