Николовски: Целта ни е да градиме систем кој одвраќа од злоупотреби и јасно ја лоцира одговорноста!

Драги пријатели,
Вртиме нов лист и ви честитам на сите за тоа. Беше топол ден, но овој мандат мораме да го поминеме со ладни глави. Секоја генерација мора да се докаже и да го остави својот печат врз историјата, а јас сакам да сум дел од генерацијата која на повозрасните ќе им покаже дека постојат и поинакви политичари, оние кои не ги ставаат личните интереси пред државните.

Оваа Влада во голема мера ќе биде фокусирана навнатре, кон средување на многу проблеми кои не го добиле потребното внимание во изминатите децении.

Би било убаво сето тоа да се реши со еден потег на магично стапче, но реалноста кажува нешто друго. Потребна е работа, посветеност, но и соработка, заедништво, отворен искрен дијалог и подготвеност за разбирање. Целта е да направиме напредок во мисијата за креирање општество во кое граѓаните чувствуваат фер однос, еднаквост и немање привилегија на едни пред други. Нашите соседи и роднини не се отселија заради богатство, туку за достоинство. Целта пред нас е да направиме промена и да создадеме услови каде нема да се замижува пред едни, а да се свртат сите рефлектори кон други.

Драги пријатели,

Ве повикувам и вам, придружете ни се во оваа борба. Ги предизвикувам мојата и останатите генерации на млади луѓе кои се докажаа како борци за правдина, да сторат сè што можат во своите кругови и да придонесат кон оваа мисија. Почитувањето на правилата го има и во парк, во маркет, на работа, во бучавата и чистотата… Оние што го следат редот и се дисциплинирани не смее да имаат никакви проблеми, а оние кои ги рушат мора да бидат санкционирани.
Има многу што да се направи. Вистината која мора да ја сфатиме како неменлива е дека ова е борба на секој од нас и во оваа борба за правдина си требаме еден на друг и мора да си помагаме еден на друг.

Премиерот Зоран Заев и моите колеги пратеници ми дадоа нова задача. Добивам позиција за која се роди потреба токму од овие причини кои претходно ги наведов. Ви давам збор дека како вицепремиер за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси ќе имам една единствена цел. Истата цел која ја имав и како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, како генерален секретар на СДСМ, и како прв човек на централниот изборен штаб на парламентарните избори на кои остваривме најдобар резултат после 18 години – целта да донесам резултати!

Свесен сум дека иако се исклучително важни, човечките ресурси и политиките за одржлив развој не привлекуваат толку внимание како борбата против корупција, сфаќам зошто изминативе денови тој дел од називот на мојата функција беше во преден и единствен план. Како човек задолжен да ги координира напорите на институциите од извршната власт задолжени за борба против криминал и корупција, како и човек кој треба да алармира на можни случаи на висока корупција, не бегам од одговорност и подготвен сум за работа.

Борбата ќе се води преку многу канали. Широка и обврзувачка транспарентност, заштита на слободата на медиумите, институционална поддршка на силна и независна ДКСК, немање толеранција при откриени злоупотреби итн.
Целта ни е да градиме систем кој одвраќа од злоупотреби и јасно ја лоцира одговорноста. Да јакнат граѓаните и институциите, а да се намалуваат дискреционите права и моќта на политичарите и носителите на јавни овластувања.

Ќе инсистирам на зголемена транспарентност на сите нивоа на власт, на намалување на дискреционите права на функционерите, и ќе се обидам да реагирам на сите сомнежи околу злоупотреба на позиција или моќ.

Меѓу другото, имам обврска да бидам вицепремиерот кој ќе ги координира активностите на инспекторатите за да обезбедиме нивно целосно и професионално функционирање. Премногу е одомаќинето оправдувањето „не е до мене / што можам јас тука“ и многу често граѓаните имаат проблем, а добиваат само оправдување дека друг е надлежен, дека друга институција не постапила како што треба, добиваат само кревање на раменици итн.

Сепак, во ниеден момент не би сакал да се намали важноста на останатите задолженија. Називот на оваа нова позиција ги содржи со себе и одржливиот развој и човечките ресурси. Можеме сите други политики да ги направиме како што треба, сè додека немаме одржлив развој и напредок во образованието, заштитата на животната средина, дигитализацијата, здравствениот систем, условите за водење бизнис, што фајде ќе имаме од сето тоа?

Успесите ќе нè обединат и обединувањето ќе ни донесе успех. Едното без другото не може. Од нас зависи.

Ви благодарам и ви посакувам се најдобро. Да сте живи и здрави!

ФБ статус на Љупчо Николовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e