Неждет Мустафа ја напушта коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ

Обединетата партија за еднаквост на Ромите (ОПЕР) во вторникот вечерта објави дека и покрај партискиот предлог за квалитативно подобрување на кандидатите за пратеници на листите и давање можност образовниот и интелектуалниот капаците да ги претставува интересите на Ромите во Македонија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ се одлучила да ја продолжи соработката со Амди Бајрам, и повторно да го кандидира за пратеник на претстојните предвремени парламентарни избори на 11-ти декември, поради што партијата се одлучила да ја прекине досегашната соработка со владејачката партија.

Оваа одлука е донесена по дискусијата на претседателството на ОПЕР на коешто било разговарано за еднаквоста на Ромите низ призмата на последните преговарачки позиции за продолжување на соработката со сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на Ромите посочуваат дека биле многу јасни во своите ставови дека ќе поддржат кој и да е друг кандидат од која и да е друга ромска партија, вклучително и од онаа на Амди Бајрам, „доколку тој кандидат ги исполнува образовните предуслови за квалитетно застапување“ на оваа етничка заедница во Собранието.

Уште на 26-ти октомври Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите(ОПЕР) порача дека нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ доколку на која и да е листа за следните парламентарни избори закажани за 11-ти декември се најде Амди Бајрам.

Како што информираа од ОПЕР, пред две седмици била одржана средба меѓу претседателот на ОПЕР, Неждет Мустафа и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, на која Мустафа истакнал дека тие нема да се согласат да коалицираат со партијата на власт ако таа го стави на некои од изборните листи Амди Бајрам.

„Таков човек е навреда за Ромите и ние не сакаме да бидеме во иста коалиција со него“, порачаа тогаш од ОПЕР.

Меѓутоа, и покрај предлогот на ОПЕР, претседателот на партијата Неждет Мустафа да се откаже од должноста министер без ресор во актуелната Влада „со цел да се даде можност на нови просперитетни кадри да напредуваат во кариерата, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да ги занемари сите успеси постигнати на локално и меѓународно ниво од декадата и стратегијата за интеграција на Ромите и да ги замени со лицето коешто најмногу го деградирал и девалвирал ромскиот народ со своите јавни настапи“.

Во образложението на својата одлука, од ОПЕР велат дека владејачката партија со својата одлука повторно да го кандидира Амди Бајрам, едноставно „ги натерала“ да ја донесат одлуката за напуштање на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, и оти ќе останат доследни на заложбите дека Ромите имаат високобразовен и професионален кадар кој заслужува да ја претставува ромската заедница о да придонесува за нејзин натамошен развој.

Извор: Макфакс

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e