Владата, на денешната седница ја донесе и Програмата за финансирање микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалоци за 2023 година.
Со Програмата ќе се реализираат активности за поддршка на субјекти коишто се регистрирани како производители на вино и субјекти коишто се регистрирани како Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци или субјекти кои се регистрирани како мали дестилерии.
Станува збор за доделување неповратна финансиска поддршка за инвестиции во опрема и основни средства и услуги, а корисници на средствата можат да бидат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои се регистрирани како производители на вино со максимален капацитет на производство до 50.000 литри годишно, или земјоделски стопанства или земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ и коишто се регистрирани во Електронскиот регистар во царинската управа како Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи, или регистрирани во Електронскиот регистар во царинската управа како Мали независни производители на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мали дестилерии, согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи.