Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, во гостувањето на 4ТВ направи пресек на досегашниот мандат на првата жена претседател на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Иако со лична почит кон нејзината професорска кариера, Јакимовски смета дека нејзините претседателски перформанси се под очекуваното ниво.
Јакимовски повлече паралела со сите претходни шефови на државата, нагласувајќи дека Македонија е навикната на поинаков профил на лидери на чело на „Вила Водно“.
„Ја познавам госпоѓата Сиљановска и имам исклучителна почит кон неа. Таа е солиден професор и беше солиден пратеник, но сметам дека не се снајде најдобро на функцијата претседател. На Македонија ѝ треба посилна, помаркантна фигура за претседател на државата“, истакна Јакимовски.
Во својата анализа, тој ги спомена сите поранешни претседатели, заклучувајќи дека Сиљановска-Давкова засега не успева да го достигне нивниот државнички формат.
