Јавниот долг за само две години е зголемен за 2,5 милијарди евра во апсолутен износ, предупреди поранешниот вицепремиер за економски прашања и пратеник од СДСМ, Фатмир Битиќи во интервју за емисијата „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
Битиќи истакна дека јавниот долг не смее да се релативизира и дека е погрешно да се создава перцепција дека задолжувањето не е важно прашање за економската стабилност на државата.
„Креирана е перцепција дека јавниот долг не е важен. Не, јавниот долг секако е важен“, порача Битиќи.
Според него, бројките за задолжувањето не се опозициски инсинуации, туку податоци на самата власт.
„Ова е реалноста, по нивни бројки, не по наши бројки. Заклучно со декември 2023 година, кога ние имавме контрола на јавниот долг, тој изнесуваше 8,5 милијарди евра. Во овој момент, без новиот долг од 260 милиони евра, долгот изнесува 10,8 милијарди евра, а со дополнителното задолжување достигнува 11 милијарди евра“, рече Битиќи.
Битиќи се осврна и на средствата од унгарскиот кредит, посочувајќи дека граѓаните сè уште немаат јасна слика каде и како се користат тие пари.
„Само да се потсетиме, 250 милиони евра требаше да отидат во единиците на локалната самоуправа. Досега се платени само 47 милиони евра, затоа што сите договори за испорачување на унгарските пари во инфраструктура се за пет години. Доколку состојбата била навистина добра, секој реализиран инфраструктурен проект би требало да биде исплатен по неговото завршување “, истакна Битиќи и нагласи дека суштинското прашање е: Каде исчезна едната милијарда евра од Унгарија?
