Неделава во Солун нова средба Димитров – Коѕијас

Зачестените контакти на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас, во последниот период, продолжуваат неделава во Солун. Двајцата в четврток и петок ќе учествуваат на квадрилатералниот форум на кој ќе бидат и нивните колеги од Бугарија и од Албанија.

Последната средба Димитров – Коѕијас беше минатата недела во Виена на новата рунда преговори за прашањето за името, но по состанокот министрите не дадоа никаков коментар. Изјава даде само медијаторот Метју Нимиц, кој кажа дека двете страни остануваат посветени на решавање на проблемот, без да презентира детали од разговорите.

Грчките медиуми пренесоа дека остануваат „тешките прашања“ односно опсегот на употреба на името што ќе се договори и барањето на Атина за промена на македонскиот устав. Коѕијас изјави дека „другата страна мора да сфати оти е неопходно да се согласи за ерга омнес“ што ќе овозможи да се постигне сеопфатен договор.

Македонија, пак, се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ од кој очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ, како и покана за членство на јунскиот Самит на НАТО.

Скорешно решение очекува и меѓународната заедница. По изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан дека е можен договор во наредните две недели, и претседателот на Европската комисија на Жан Клод Јункер во обраќањето пред грчкиот Парламент повика прашањето за името итно да биде решено.

По претстојната средба во Солун, Димитров и Коѕијас повторно треба да се состанат и следната недела во Сунио близу Атина каде што ќе биде одржана конференција за иднината на Европа.

Извор: 24ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e