Мониторинг на општините: Унапредување на механизмите за вклучување на граѓаните

НВО Инфоцентарот, во соработка со десет организации во периодот мај – септември 2019 година, спроведе мониторинг на транспарентноста и на механизмите за вклучување на граѓаните во пет општини – Крива Паланка, Кавадарци, Неготино, Теарце, Маврово и Ростуше.

Набљудувањето покажа дека иако сите општини практикуваат определени форми и механизми за консултирање и вклучување на граѓаните во креирањето и спроведувањето на локалните политики, тоа не е доволно и е потребно суштинско унапредување и интензивирање на овие практики. Јавните собири, јавните расправи, трибините, средбите со граѓаните и форумите се најчестите форми за директна комуникација меѓу локалните власти и граѓаните, но тие треба да бидат почести и да не се организираат само на крајот на годината кога се донесуваат годишните програми и буџетите на општините, се наведува во соопштението на НВО Инфоцентар.

Мониторингот покажа дека во повеќето општини граѓаните не се многу активни и не се многу заинтересирани да учествуваат во работата на месните заедници. Тие се активираат единствено кога се соочуваат со акутни проблеми. Оттаму, проактивната улога на локалните власти и месните заедници е од клучно значење за поттикнувањето и охрабрувањето на граѓаните да земат директно учество во креирањето и спроведувањето на локалните политики.

Општините мора да се стремат брзо и ефикасно да одговараат на проблемите на граѓаните. Повеќето општини одговараат и постапуваат по пријавените проблеми од страна на граѓаните во рок од една недела. Затоа, препорачуваме унапредување на електронското доставување пријави и постапување не подолго од 48 часа, како што е тоа случај во Крива Паланка.

Повеќето општини не го мерат редовно задоволството на граѓаните од нивните услуги. Препорачуваме воведување нови и унапредување на постојните механизми за сондирање на ставовите граѓаните.

Општинските интернет-страници варираат во својот дизајн и квалитет. Повеќето интернет-страници треба да се редизајнираат и да се унапредат. Додека интернет-страниците на Теарце, Маврово и Ростуше се речиси нефункционални, оние на Крива Паланка, Кавадарци и донекаде на Неготино, се солидни, лесно пребарливи и редовно ажурирани. Тие на граѓаните им обезбедуваат солидно ниво на информации и документи од делокругот на општинските власти. Градоначалниците се активно и редовно присутни на Фејсбук. Повеќето од нив имаат и чести индивидуални средби со граѓаните.

Мониторингот е реализиран во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиски поддржан меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e