Митко Јанчев: Мицкоски и Николовски да ми се извинат, во спротивно ќе ги тужам!

Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци и довчерашен потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, побара јавно извинување од страна на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски и портпаролот Александар Николовски.

Тој е реагира поради обвинувањата кон него кои Николовски ги изнесе на вчерашната прес – конференција, и тврди дека се неосновани, а односот на Мицкоски и Николовски, крајно непрофесионален. Во целост ви ја пренесуваме реакцијата на Јанчев.

-На вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ до мене беа упатени неосновани обвинувања. Обвинувањата беа насочени кон мене како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, но и лично како индивидуа. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ г-дин Христијан Мицковски на вчерашниот ЦК даде предлог за мое разрешување од функцијата потпретседател.

Како лидер на најголемата политичка партија во Република Македонија му доликува разрешувањето од функцијата потпретседател да го води крајно професионално па дури и да упати благодарност до мене за моите досегашни вложувања во партијата, но уште поважно да ја почитува функцијата Градоначалник на Општина Кавадарци од редовите на ВМРО – ДПМНЕ која од досега сработеното носи само успех најмногу за Општина Кавадарци но и за ВМРО-ДПМНЕ.

Напротив на вчерашната прес-конференција од г-дин Александар Николовски кон мене беа упатени ниски и агресивни обвинувања за закани, поткуп и криминал, рамо до рамо со Сашо Мијалков. Поради ваквите неосновани и крајно непрофесионални навреди од страна на Христијан Мицковски и Александар Николовски кои се обидуваат да го нарушат мојот авторитет, барам јавно извинување и од г-дин Христијан Мицковски и од г-дин Александар Николовски. Во спротивно кон нив двајцата ќе поднесам приватни тужби за клевета и навреда на мојата личност.

Различниот став и различното размислување во една нормална модерна партија треба да бидат прифатени, дискутирани и потоа заеднички да се најде вистинскиот пат, но тоа не е случај и со ВМРО-ДПМНЕ. Моето залагање за партијата ќе продолжи со сите мои способности и целосна професионална посветеност. Различните ставови во една партија и почитувањето на истите можат само да водат кон прогрес и плодна почва за развивање на дискусии и создавање на темели за партија која ќе се движи кон посветла иднина. Мојата почит кон членовите на ВМРО-ДПМНЕ е голема и ќе продолжам гордо како Градоначалник на Општина Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да дејствувам во интерес на граѓаните – потенцира Јанчев.

ЦК на ВМРО ДПМНЕ вчера со тајно гласање го разреши Јанчев, но ги исклучи од партијата и Никола Тодоров и Сашо Мијалков. На социјалните мрежи кавадаречкиот градоначалник добива поддршка од граѓаните, но и пораки дека се задоволни од начинот на кој ја извршува својата функција, без оглед на разрешувањето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e