Мијалков смета дека е ослободен

Поранешниот директор на Управата за безбедност и разузнавање, Сашо Мијалков, четири часа со неколку паузи седеше во судница на рочиштето за масовното прислушување додека судечкиот совет расправаше дали ќе ја издвои постапката за поранешните разузнавачи и негови колеги Горан Грујевски и Никола Бошкоски. На крајот на рочиштето неговиот адвокат Љупчо Шврговски стана и побара кривичната постапка за Мијалков да биде запрена.

Шврговски го искористи списокот на претседателот Ѓорге Иванов на кој беше Мијалков, со што аболицијата на Иванов стана главен аргумент на обвинетите на кои им се суди во случаите на специјалното јавно обвинителство.

„Претседателот Иванов со актот на помилување даде ослободување од кривичен прогон. Со овој акт Мијалков беше ослободен од кривично гонење. Помилувањето е еднократен чин и неотповиклив и им дава ексклузивно право. Предлагам судот да ја запре кривичната постапка за обвинетиот Сашо Мијалков за кој постои решение за запирање на постапката“, рече Шврговски.

Обвинителката од специјалното јавно обвинителство Ленче Ристовска, наспроти овој предлог на одбраната, вели дека судот веќе одговорил на ваквото барање да се земе предвид аболицијата уште при оценката на обвинителниот акт за овој предмет во септември минатата година.

Советот за оценка на обвинителниот акт не донел одлука за отфрлање на обвинението и со тоа го отфрлил барањето да се прифати аболицијата на Иванов.

Друг аргумент на специјалното јавно обвинителство беше тоа што одлуката на грчкиот Врховен суд, кој го прифатил помилувањето на Иванов, нема врска со случајот „Тврдина – Таргет“.

„Дали врховните судии имале во предвид на кој начин е донесен актот на аболиција и на поништувањето на одлуката? Акцентирам дека аболицијата е донесена врз основа на непостоечки член“, вели обвинителот Трајче Пеливанов.

Иванов ги запре кривичните постапки против политичарите и нивните соработници уште во предистражна постапка кога СЈО немаше покренато обвинение или некоја постапка.

Судечкиот совет во случајот „Тврдина – Таргет“ на крајот на август треба да одлучи дали ќе ја запре постапката за Мијалков и неговата поранешна колешка обвинета во овој предмет, Валентина Симоновска, која исто така била помилувана. Останатите обвинети во овој случај, Владимир Варелов, со чиј идентитет Грујевски избега од Македонија, Марјан Шумуликовски, Силвана Златкова, Васил Исаковски и Надица Николиќ не беа помилувани и не можат да се повикаат на списокот на Иванов.

Врз основа на одлуката на Иванов, и Врховниот суд во Атина одби да бидат екстрадирани во Македонија клучните сведоци за прислушувањето, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се обвинети во овој случај. Нивната одбрана во Грција се повикала на случајот Иван Лекса против Словачка, кој исто така беше помилуван и го доби случајот пред Европскиот суд за човекови права.

Според нив, правните последици на помилувањето не може да бидат запрени.

Нивниот адвокат во Македонија, Петар Василев, достави до судот документ односно официјална одлука дека на обвинетите им се прекинува екстрадицискиот притвор, но нема официјален документ за барањето за екстрадиција од грчкиот суд.

„Објавата на пресудата пред Врховниот суд траеше две-три минути, обвинетите имаа преведувач, а јас лично немав. Преведувачот се сврте кон мене кога беше објавена одлуката и ми рече: ‘Ослободени се’. Ми кажа дека судот се повикал на актот на помилување и веднаш беа пуштени од притвор“, вели Василев.

Во меѓувреме, двајцата обвинети се слободни граѓани во Грција и имаат статус на баратели на азил со привремен престој од шест месеци. Досега имаат поминато едно интервју, а по уште две интервјуа ќе следува одлука дали ќе добијат азил.

Двајцата имаат документ, еден вид лична карта за да ги остаруваат своите права пред надлежните органи. Иако сега се повикува на аболицијата, Мијалков четири дена по аболицијата го повика Иванов да ја повлече одлуката.

„Знам дека сум работел чесно и совесно во интерес на безбедноста на граѓаните и на мојата земја. Убеден сум дека претседателот Иванов имал најдобри намери, но во мое лично име го повикувам да ги повлече одлуките за прекин на постапките кои се однесуваат на мене“, напиша тогаш Мијалков во писмена изјава.

Судењето за останатите обвинети ќе продолжи дури на 31 август. На Горан Грујевски и Никола Бошкоски ќе им се суди одвоено, а постапката е издвоена и за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска поради нејзината ризична бременост.

Фросина Фaкова – Серафиновиќ

Извор: Независен

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e