Манчевски: Преку објавување на вистинити информации, се намалува просторот за маневар на дезинформациите

Владата на Република Северна Македонија и МИОА, континуирано работат на борбата против лажните вести. Согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, изработен е Акциски план за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво. Целта е зајакнување на националната безбедност и сигурноста на граѓаните како и унапредување на демократијата, вели Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски.

Според него, планот се состои од два дела, во првиот се опфатени безбедносни, а во вториот проактивни мерки.

„Во рамки на безбедносните мерки се работи на ревидирање на постоечките и креирање нови внатрешни безбедносни протоколи за комуникација во институциите и со надворешните субјекти со цел намалување на можности за протекување сензитивни информации. Исто така, се воведуваат безбедносни протоколи за дигитални комуникации за сите државни службеници за безбедно користење интернет, службена електронска пошта и службени мобилни телефони. Дополнително, ја зајакнуваме внатрешната ИТ инфраструктура во Владата и министерствата за спречување надворешни напади на инфраструктурата.

Во однос на проактивните мерки, Владата продолжува да вложува во активната транспарентност, со цел да ја доближи својата работа до граѓаните и да ја зголеми довербата на граѓаните во институциите. Со новата „Стратегија за транспарентност“, стандардите се втемелуваат во системот и се создаде листа на документи и информации кои институциите се задолжени на одредени временски интервали да ги објавуваат и ажурираат.

Преку објавување и споделување факти и вистинити информации, се намалува просторот за маневар на дезинформациите. Исто така, Владата на својата веб страна ќе објавува официјални одговори на медиуми и граѓани, со цел да се спречи извртување на официјалните ставови на Владата.

Дополнително, Владата формира акциска група за борба против дезинформации и напади на демократијата, во којашто учествувам и јас како министер за информатичко општество и администрација. Целта на работната група е анализирање и следење на појавите на дезинформирање на јавноста и координирање на борбата против ширење на дезинформациите. Акциската група и Владата ќе спроведуваат едукативна кампања од јавен интерес за постоењето и штетното влијание кое дезинформациите го имаат врз општеството. Владата ќе започне процес на креирање национална стратегија за медиумската писменост во чии рамки ќе бидат опфатени активности на институциите, медиумите и граѓанскиот сектор, како и вклучување на медиумската писменост во образовните програми на Министерството за образование и наука.

Владата ќе поддржува и ќе биде активен партнер на граѓанскиот сектор во спроведување програми и тренинзи за медиумска писменост и ќе спроведува и едукација за медиумска писменост на вработените во државната администрација. Владата ќе воведе јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес-конференции, во согласност со стандардите на новинарската професија. Владата ќе отвори дискусија со медиумите за утврдување модел на поддршка за продукција на медиумски содржини на тема борба со дезинформации, како и поддршка за едукативни програми и тренинзи наменети за медиумските работници со цел нивно професионално сензибилизирање во борбата со дезинформациите. Исто така, РСМ ќе поттикне соработка со Европската Комисија и ќе побара вклучување во системот за брзо предупредување за ширење на дезинформации (rapid alert system), со цел размена на информации околу содржината и темите на кампањите за дезинформации низ Европа“, изјави Манчевски.

Целото интервју може да го прочитате на Стандард

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e