Ковачевски: Северна Македонија е фактор на стабилност, стабилна, сигурна и безбедна НАТО земја

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на најголемата мултинационална вежба оваа година во Република Северна Македонија „Брз одговор 23“, на која, покрај Република Северна Македонија учествуваат уште три НАТО земји членки Соединетите Американски Држави, Албанија, Црна Гора и како земја партнер на НАТО – Косово, со околу 1.850 учесници.

Вежбата е од особено значење за нашата Армија во однос на споделување на знаења, способности и вештини, подобрување на интероперабилноста и меѓусебна оперативна синхронизираност помеѓу армиите на НАТО и партнерските армии, низ широк спектар на речиси симултани операции, кои се изведуваат во повеќе зони, демонстрирање на обединетоста на НАТО Алијансата за безбедноста на секоја земја членка, како и потврда на можностите на „АП Криволак“ за изведување на разновиден вид на вежбовни операции и користење на разновиден вид на борбени средства и вооружување.

Припадниците на армиите кои учествуваат во вежбата презентираа комбинирани копнени активности: „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка“.

Во предвидените вежбовни активности е предвидена употреба на роботизираното софистицирано возило т.н. “Project Origin”, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое за прв пат ќе тестира во вежбовни услови испалување на противоклопна ракета од типот „Javelin“ која е дел од неговото вооружување.

Вежбата „Брз одговор 23“ е поврзана со комплексот на вежби „Defender Europe 23”, кои на годишно ниво редовно се реализираат на тлото на Европа, предводени од Армијата на САД за Европа и Африка. „Брз одговор 23“ ќе се изведува во 8 земји во регионот: Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Косово.

Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:

„Почестен сум и благодарам за поканата денеска да ја проследам најголемата мултинационална вежба „Immediate Response 23“ или „Брз одговор 23“ која оваа година се одржува во Република Северна Македонија, а со која се демонстрира обединетоста на НАТО Алијансата.

На почетокот сакам да ги споделам со вас моите импресии од професионалноста на нашата Армија, Армијата на Република Северна Македонија, која денеска овде, на Криволак, сплотено и заеднички учествува заедно со армиите на уште три НАТО земји САД, Албанија, Црна Гора и земја партнер на НАТО – Косово.

Годинава реализираме уште една успешна заедничка вежба со нашите НАТО сојузници, каде преку разни вежбовни операции го демонстрираме единството на Северноатлантската Алијанса во име на безбедноста на секоја земја членка и во име на светскиот мир.

Бележиме уште еден успех во нашите здружени акции и заедно сите, ги покажуваме нашите вредности и нашите потенцијали.

А тоа е и вредноста и суштината на НАТО Алијансата-преку заеднички акции и со заеднички сили да се обезбеди индивидуалниот, а преку тоа и општиот мир за сите. Тоа е и причината зошто пред три години се приклучивме на најголемиот воено-политички сојуз – НАТО Алијансата, која денес обединува 1 милијарда луѓе во светот.

Со нашето членство во НАТО, Република Северна Македонија не е повеќе објект на гео-политичката сцена, туку субјект кој активно учествува во носењето на одлуки од светско значење, заедно, на иста маса со светски супер сили.

Ова е најдобрата потврда за исправноста на одлуките кои се носеа во државата пред 3 години и ова е најдобар демант за оние кои беа против тие одлуки, носени пред 3 години во нашата држава.

Ја докажавме нашата посветеност кон основните постулати на НАТО, а тоа се промоција на демократските вредности, градење доверба, спречување конфликти и соработка на полето на безбедноста и одбраната.

Преку негување на принципите на добрососедство и примена на политиката на дијалог наместо конфликт, Република Северна Македонија денес прерасна во земја фактор на стабилност, кредибилен партнер на ЕУ и НАТО, придонесувајќи кон зајакнување на регионалната соработка и градење на мир во регионот, а со тоа и мир во светот, порача Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e