Ковачевски: Покачивме плати и пензии, растат инвестициите, платите одат кај граѓаните!

Во услови на една од најголемите светски кризи во Европа, Владата успеа да ги заштити егзистенцијата и стандардот на граѓаните од енормните поскапувања на храната и на струјата, предизвикани од светската, економско-енергетска криза и војната која се води во Украина.

Ги зголемивме минималната плата, просечната плата и пензиите. Помогнавме на компаниите да ги задржат вработените. Во кризната 2022-ра година за целиот свет, ние имаме и нови инвестиции во државата, со новоотворени работни места“, истакна премиерот Димитар Ковачевски, во своето обраќање на годишната конференција „Година на нови можности“, што се одржува денеска и утре во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

„Ја зголемивме минималната нето плата, во март 2022 година на 18.000 денари месечно. Тоа е за 3.000 денари повисока минимална плата, од претходната година во април, кога изнесуваше 15.000 денари. Со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата, што ги донесовме, во 2023 година, согласно порастот на трошоците на живот, минималната плата ќе изнесува околу 20.200 денари.

Покачена е и просечната нето плата, на 33.000 денари во месец ноември 2022 година, според податоците на Државниот завод за статистика. Тоа е за 4.000 денари повеќе од претходната година во истиот месец, кога изнесуваше 29.000 денари.

Покачувањето на минималната плата, извесно ќе влијае и на понатамошно зголемување на просечната плата.Пензиите, во 2022 година пораснаа за 10 проценти, што е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година.

Реков дека носевме и краткорочни, но и системски мерки, така што во оваа 2023 година следува ново покачување на пензиите, според новата методологија на пресметка, којашто предвидува усогласување на пензиите според трошоците за живот и порастот на просечната плата.

За една календарска година, со ова покачување, растот на пензиите ќе биде околу 16 проценти. Со ова системско решение, ги осигуравме пензионерите – никогаш никој повеќе да не си поигрува предизборно со нив, бидејќи растот на пензиите го загарантиравме со закон“, соопшти премиерот Ковачевски, кој рече дека овој инклузивен начин на работа е применет и при покачување на платите во одбраната (над 2.000 денари); во полицијата (за нови 5 проценти); на лекарите (за 5 нови проценти, со што основната плата на лекарите специјалисти за 4 години е зголемена за 40 проценти); на сите 25.000 наставници во основните и средните училишта (за 15 проценти); на судските, јавно-обвинителските службеници и на затворската полиција (за 15 проценти), а најави и пораст на платите во високото образование.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e