Ковачевски: „Деалтаск фреш“ е уште една успешна ИПАРД приказна

Уште една успешна ИПАРД приказна и позитивен пример како преку максимална искористеност на владините мерки и програми може да се развие и зајакне македонското производство, вака премиерот Димитар Ковачевски го оцени работењето на компанијата „Деалтаск фреш“ што ја посети денеска како дел од неговите активности во преспанскиот регион.

Тој уште еднаш испрати порака дека Владата е и останува партнер на бизнис секторот.

-Компаниите и земјоделците ги препознаа ИПАРД како програма и нејзините придобивки, а „Деалтаск фреш“ е уште една успешна ИПАРД приказна. Парите од европските фондови ги инвестирала во модерна опрема потребна на компанијата. Исто така, за пофалба е што оваа компанија е дел и од зелената трансформација на државата – инвестирале во фотоволтаици, препознавајќи ја исплатливоста на оваа инвестиција посебно во услови на енергетска криза. Посакувам уште многу вакви успешни приказни без разлика дали станува збор за поголеми или помали места во државата. Сите граѓани подеднакво заслужуваат добар живот и просперитет на нивниот крај, изјави Ковачевски.

Воедно додаде дека изминатиот период многу често е во посета на компании, фирми и производствени капацитети низ државата за да ја покаже, како што нагласи, неговата отвореност, но и отвореноста на целата Влада кон бизнис секторот.

-Само заеднички можеме да овозможиме рамномерен економски развој на Северна Македонија, потенцира Ковачевски.

Според него, управувањето со буџетски и со европски пари е огромна одговорност и затоа мора да се постават јасни стратегии со кои ќе се овозможи отпорност и опоравување и на граѓаните и на компаниите.

-Потврда за нашата одговорност и сериозен пристап кон европските фондови е што Владата предводена од СДСМ во периодот од 2017 до 2022 година има склучено 2363 договори со финансиска поддршка од 80 милиони евра, кои 60 милиони се од ЕУ, а 20 милиони евра се национално кофинансирани. Ние сме единствена Влада досега која плански располага со средства и во целост ги користи парите од ИПАРД програмата. Парите во целост ги насочуваме кон земјоделците, бидејќи на долг рок тоа значи профитабилно и конкурентно земјоделство, но и основа за развој на македонската економија. Политиките што ги креира Владата се сеопфатни и никого не изоставаат, без разлика дали станува збор за проекти за развој на општините, за мерки за ублажување на енергетската криза, за програми од европските фондови,… Ние мислиме за секого, зашто сите граѓани за нас се подеднакво важни, истакна премиерот.

Тој и во оваа прилика повтори дека тешката година која е зад нас покажа дека Владата менаџира успешно со парите на граѓаните.

-Поевтина струја, повисоки плати, помош за пензионерите, ранливите категории на граѓани, помош за компаниите, за производителите на храна, болниците, училиштата, со сите мерки кои ги донесовме помагаме и на граѓаните и на бизнис заедницата. Така ќе продолжиме и во иднина. Економско-енергетските прилики на глобално ниво не не предомислија да се откажеме или да заборавиме со капиталните инвестиции. Со поддршка на странски, но и на домашни инвеститори отвораме нови работни места и обезбедуваме иднина на младите во сопствената дражва, рече Ковачевски по посетата на фабриката.

Премиерот беше во придружба на директорот на Платежната агенција Никица Бачовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e