Колумна на професорот Тевдовски: Минимална плата за живот

Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 30.08.2016
Минималната плата е една од клучните теми на претседателските избори во САД. Демократите, предводени од Хилари Клинтон, се залагаат минималната плата да изнесува 15 долари на час. Тоа би било сериозно зголемување на минималната плата, бидејќи таа на федерално ниво во моментов изнесува 7,25 долари на час, а притоа има сојузни држави кои имаат определено нешто повисока минималната плата од федералниот минимум. Демократите сметаат дека зголемувањето треба да се направи постепено и дека тоа е неопходност бидејќи ниско поставената плата не обезбедува покривање на трошоците за живот. Тие велат дека минималната плата треба да овозможи живот, а Берни Сандерс на англиски тоа убаво го нарекува „Living wage“.

Дали во Македонија минималната плата овозможува живот? Ајде прво да направиме споредба со САД. Минималната плата во Македонија во нето-износ е 10.080 денари, додека во бруто-износ (со вклучен данок и придонеси) 14.740 денари во 2016 година. Ако ја сведеме на саатнина како што ја прикажуваат Американците, минималната бруто плата во Македонија изнесува 82 денари или 1,5 долар на час (се добива кога 14.740 денари ќе се поделат со 180 работни часови во месецот). Ова значи дека работникот со најниски квалификации во Македонија треба да работи 5 часа за да заработи колку што заработува американскиот работник со најниски квалификации за еден час.

За жал, работите не застануваат тука. Минималната плата треба да го претставува најниското ниво на плата во земјата, која работодавецот треба да му ја исплати на работникот за полно работно време. Но, во Македонија, власта со донесување на законот за минимална плата направи еден трик на штета на работниците. Тие поставија не едно најниско ниво на плата, туку две најниски нивоа на плата. А, се разбира второто ниво на плата е пониско од првото.

Во еден член на законот се определува колку треба да изнесува минималната плата. А, во следен член се кажува дека во основа тоа ниво на плата нема да важи и ќе биде пониско токму за работниците на кои најмногу им треба минималната плата. Тоа се работниците кои имаат најниски плати во земјава и работат во индустријата за производство на текстил, облека и кожа. Така за нив минималната плата во 2016 година не е 10.080 денари во нето, а 14.740 денари во бруто, туку 9.000 денари нето, а 13.540 денари бруто. Во саатнина како Американците, тоа е 75 денари во бруто на час или 1,4 долари.

Да биде перверзијата поголема, со воведувањето на законот во 2012 година, ова второ и пониско ниво на минимална плата требаше да важи само во првите три години. Но, потоа со измените од 2014 година се продолжи да важи уште четири години (до 2018 година). На овој начин, минималната плата кај нас е де факто поставена на 1,4 долари на час, бидејќи тоа е најниското ниво на плата во земјава. Повисокото ниво е само една измама.

Секако, дека не треба да се заборави дека животните трошоци во САД се повисоки од оние во Македонија. Затоа клучното прашање е дали оние 9.000 денари што ќе ги однесе работникот дома се доволни да се покријат трошоците за живот во Македонија? Секако дека не!

Синдикалната минимална кошница пресметува дека за едно четиричлено семејство (два родитела и две деца) во земјава се потребни 32.325 денари месечно за да може да ги покрие најнеопходните трошоци за живот во месецот. И тоа внимавајте добро: најнеопходните, односно минималните трошоци за живот! Ова не се просечните трошоци на семејствата во земјава. Така, на пример, претпоставеното семејство на синдикалната минимална кошница живее во дом од 50 квадратни метри и не поседува автомобил. Исхраната е скудна. За превоз користат месечни билети за автобус и слично.

Едно семејство кое има двајца работници кои дома носат минимална плата од 9.000 денари (вкупно 18.000 денари) може да покрие само половина (или точно 56 %) од најнеопходните трошоци за живот (32.000 денари). Ова е далеку од плата за живот.

Затоа минималната плата мора да се постави повисоко! Почетна цел би требало да биде минималната нето-плата да изнесува 16.000 денари во 2020 година, што би овозможило семејство со две вакви плати да може да ги покрива неопходните трошоци за живот. А, зголемувањето треба да се направи постапно. Во 2017 година минималната нето-плата треба да се подигне на 12.000 денари и таа да важи и за работниците со најниски плати од индустријата за производство на текстил, облека и кожа. На овој начин, од една страна би се отстранила неправдата со поставувањето на двете нивоа, а од друга страна, минималната нето-плата за работниците со најниски плати ќе биде поголема за 2.410 денари од тоа што е предвидено во постојниот закон (9.590 денари во 2017 година).

За да не дојде до отпуштање на работници поради зголемувањето на трошоците за плати на работодавците, државата треба да покрие поголем дел од порастот на минималната плата на работниците од индустријата за производство на текстил, облека и кожа во период од три години. Идејата е во првата година (2017 година), државата да им исплати на работодавците по исплатена бруто минимална плата по 1.900 денари со што би се покрил значаен дел од зголемувањето на платата. Во следните две години (2018 и 2019 година), надоместот за работодавците би требало да се намалува. Притоа, треба да се нагласи дека овој пристап на надомест по исплатена бруто-плата е дијаметрално спротивен од праксата на актуелната власт – ослободување од плаќање на придонеси, која влијае на ослабување и рушење на фондовите за пензиско и социјално осигурување.

За работодавците да немаат стимул да ги спуштаат работниците со повисоки плати на минимална плата, за да добијат надомест од државата, треба да се воведе ограничување според кое надоместот од државата ќе може да биде добие само за оние работни места на кои им била исплатена минимална плата во јуни 2016 година. Дополнително, за да се намалат можните злоупотреби, контролата на исплатата на минималната плата покрај Инспекторатот за труд, треба да ја врши и УЈП.

Колку мислите дека ќе ја чини државата предложеното зголемување на минималната плата во 2017 година? Не повеќе од 18,5 милиони евра (50 илјади работници кои работат во индустријата за производство на текстил, облека и кожа помножено со 1.900 денари месечно и помножено со 12 месеци, а поделено со курсот на еврото). А, тоа е точно колку и цената што граѓаните ја плаќаат за Панорамското тркало во Скопје.

Пред точно една година, оваа идеја за зголемување на минималната плата опозицијата ја достави во Собранието на Македонија. Но, владејачкото мнозинство ја одби, а денес се гради Панорамското тркало. Нивното образложение беше дека минималната плата треба да се остави на пазарот и на социјалниот дијалог помеѓу работниците и работодавците. Но, ние мораме да се бориме за оние работници кои се оставени сами и беспомошни. За ова зборувал и Винстон Черчил во британскиот парламент во 1906 година: „Национално зло е некоја класа на нејзиното височество да добива помалку од плата за живејачка… таму каде што нема организација, нема еднаквост во договарањето, таму каде што добриот работодавец е надминат од лошиот… кога овие услови преовладуваат тогаш немате состојба на прогрес, туку прогресивна дегенерација“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e