Колку ќе изнесува казната ако по Нова година возите со возачка со старото име на земјава?

Возачките дозволи со старото име на државата „Република Македонија“ нема да важат после 31.12.2024 година, па затоа е важно за граѓаните да знаат дека секое приложување на неважечка дозвола од 1-ви јануари 2025 година ќе биде казниво со закон.

„Согласно член 317 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кога управува со моторно возило, возачот е должен кај себе да има важечка возачка дозвола и возачка книшка кои е должен да ги покаже на барање на полициски службеник. Ако нема важечка дозвола, ќе треба да плати казна од 100 евра во денарска противвредност“, предвидува членот 317 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски уште претходно информираше дека старите возачки дозволи ќе важат до крајот на оваа година и сите граѓани кои го имаат овој документ со старото име на државава да пристапат кон обновување на истиот.

„Досега се издадени 750 000 возачки дозволи со новото уставно име. Потребно е да се издадат уште околу милион возачки дозволи со новото име. Ги замолувам во наредниот период од неколку месеци сите оние кои имаат возачки дозволи со старото име да пристапат кон обновување на истата, затоа што согласно измените на законот, старите возачки дозволи ќе важат до крајот на оваа година, рече неодамна Тошковски.

Министерот информираше и дека издавањето на лични документи е вратено во нормала.

„Од оваа недела натаму секој граѓанин кој што ќе поднесе барање за да се стекне со нова патна исправа, возачка дозвола, лична карта, ќе може да ги оствари во рамки на законското право во рок од 15 дена“, посочи тој.

Според измената во Членот 5 на Законот, на 12-ти февруари годинава, „Возачките дозволи и возачките книшки, кои го содржат натписот ‘Република Македонија’ издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, најдоцна до 31 декември 2024 година“.

Итната промена на Законот дојде откако МВР соопшти дека возачките дозволи во кои не е новото уставо име Северна Македонија нема да важат после 12 февруари ни во земјава. Притоа, МВР предупреди дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета.

Оваа одлука беше според претходната промена на Законот за безбедност во сообраќајот од 1 јуни 2021 согласно обврските од Преспанскиот договор со Грција, според која рокот на важење на возачките дозволи без Северна беше најдоцна до 12 февруари 2024.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e