Јавноста бара: Претседателе кога ќе одговорите на новинарските прашања?

Ѓорѓе Иванов не го става својот потпис на договорот со Грција – ова го соопшти во своето обраќање кое очекувано помина без новинарски прашања. Рече дека неговиот став е конечен и дека нема да се поколеба на закани и притисоци. Договорот го нарече штетен, а однесувањето на Владата тајно и нетранспарентно. Според претседателот, ова е личен договор на Заев и Димитров и нивна ќе биде одговорноста за штетната одлука. Иванов рече дека премиерот и министерот ги напуштиле изградените цврсти основи за неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба.

„Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор“ – рече Иванов.

Веднаш по обраќањето Иванов ја напушти салата. Иако новинарите се навикнати на таквиот однос на претседателот, сепак се обидоа да му постават неколку прашања. Очекувано, претседателот не ја удостои јавноста со одговори на новинарските прашања. По ниту едно свое обраќање шефот на државата не останал да ги образложи своите одлуки. Освен тешките зборови искажани во самото обраќање, јавноста немала можност да слушне дополнително објаснување за неговите ставови кои речиси по правило се идентични со ставовите на ВМРО ДПМНЕ.

Вака изгледаа заминувањата на Иванов по неговите обраќања – со брз чекор без можност да ги слушне прашањата на новинарите. На 12 април 2016 Иванов објави аболиција за педесетина политичари која резултираше со ескалација на протестите и продлабочување на политичката криза. Една година подоцна, на 1 март 2017 Иванов пред камерите соопшти дека не го дава мандатот на Зоран Заев, а во јануари годинава се обрати на јавноста да каже дека става вето на законот за јазиците. Сите негови обраќања завршуваат со бегање од новинарите, одјава која веќе стана очекувана, но не и прифатлива за јавноста.

Извор:1ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e